Предлог-буџетот за ВМРО-ДПМНЕ е развоен и домаќински, СДСМ бара негово враќање во Владата на доработка
- И четвртиот ден од собраниската комисиска расправа со кој е исцпрен општиот претрес, пратениците од власта и опозицијата ги спротивставија ставовите околу Предлог-буџетот за 2025 година. Според едните, буџетот е развоен, домаќински и базира на дисциплина, мерење резултати, анализи, проверки и стратешко планирање, а според другите е нереален, покажува немање визија и треба да се врати на доработка во Владата.
Скопје, 18 ноември 2024 (МИА) - И четвртиот ден од собраниската комисиска расправа со кој е исцпрен општиот претрес, пратениците од власта и опозицијата ги спротивставија ставовите околу Предлог-буџетот за 2025 година. Според едните, буџетот е развоен, домаќински и базира на дисциплина, мерење резултати, анализи, проверки и стратешко планирање, а според другите е нереален, покажува немање визија и треба да се врати на доработка во Владата.
Со претрес по амандмани на Предлог-буџетот, утре продолжува расправата на Комисијата за финансирање и буџет. Поднесени се повеќе од 300 амандмани.
Љупчо Николовски од СДСМ во попладневниот дел од расправата ги повика колегите пратеници да зборуваат конструктивно, со аргументи, во насока на, како што рече, подобрување на предложениот буџет. Дебатата, оцени, е сведена на деградирања, омаловажувања, обвинувања и на тоа кој како ги изгубил изборите, наместо на изнесување факти и суштина.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои во излагањата, генерално, ги повторуваа бројките проектирани со Предлог-буџетот, изнесуваа и обвинувања на сметка на претходната власт. Уште еднаш беа спомнати и покачувањата на платите и пензиите, подобрувањето на стандардот на студентите, инвестициите во образованието, здравството, инфраструктурата,...
-Од прв ден кажав дека треба да дискутираме со факти и аргументи за да го подобриме буџетот. Верувам дека ќе ги надминеме овие состојби и дека ќе имаме конструктивна дебата. Мора да издвоиме теми битни за граѓаните во кои нема да има политика, како кога ја изгласавме Националната стратегија. Производството на храна е еден од тие, ги таргетира сите и во овој сегмент треба сериозно да го анализираме. Наша обврска е да проодлжиме со добрите политики, да ги реализираме почнатите проекти и да ја зголемиме поддршката за производителите, истакна Николовски кој се осврна на земјоделството.
Овој сектор, укажа, согласно проектираните буџетски средства, не е во фокусот на извршната власт.
-Вкупниот буџет за земјоделството, за жал, е намален за 15,7 отсто, а тоа се должи на намалувањето на Програмата за рурален развој за над 80 отсто, од 850 милиони на 150 милиони. Се кратат и капиталните расходи, се намалува ИПАРД поддршката. Во земјоделството нема нова мерка, само продолжение на мерките што беа критикувани, а намалените проекции за 2025-та велат дека и догодина не можеме да очекуваме нови мерки. Ова е доказ дека земјоделството не е во фокусот на извршната власт, рече Николовски.
Реплицираше Бране Петрушевски. Му рече на Николовски дека нема морално право да зборува за иднината на земјоделците.
-Тие ви кажаа што мислат за вас. Лицемерно е да држите лекции и да критикувате, треба да одговорите како дозволивте милиониски субвенции за фирма блиска до Заев, исплата на илјадници евра субвенции за фирмата „ДСЗ Илинден“ или скоро два милиона евра брашно да биде пуштено во промет без уредно платени контролни маркички, напомена Петрушевски и најави одговорност за секој што работел незаконски.
Николовски му врати дека граѓаните не ги интересира театар, туку што предвидува Буџетот.
-Бегате од дебата. Институциите нека го расчистат ова што го наведовте, а вие, наместо да ја замајувате јавноста во отсуство на понуда, визија и програми, одговорете зошто е скратена за десет пати Програмата за рурален развој, зошто е скратена ИПАРД поддршката и зошто нема ниту една нова мерка и политика, рече Николовски, согласувајќи се дека секој треба да сноси одговорност ако нешто згрешил.
Дебатата продолжи со обвинувања. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека „опозицијата била само за крадење, а не за градење“, како и дека ветувала инвестиции, но не реализирала.
-Граѓаните многу малку знаат за БДП, но многу добро разбираат што е несигурност, небезбедност, мртов систем, лага или кражба, нагласи Рашела Мизрахи.
Според Бисера Златеска, Предлог-буџетот за 2025-та е внимателно изработен, со силен фокус на подобрување на економската состојба во државата.
-Пропаднато здравство, нефункционални институции, лудо растечки цени на производи, безредие, непотизам, лаги, корупција, бркање на младите што подалеку од тука. Ова е мракот што не снајде, мрак од кој ќе излеземе благодарение на искрена и чесна работа, рече Златеска.
Предлог-буџетот за 2025 година е поектиран на приходи во вредност од 5,8 милијарди евра, што е за 13 проценти повеќе од годинашиот Буџет. Предвидено е расходите да изнесуваат 6,5 милијарди евра. мч/аа/
фото: принт скрин