• сабота, 23 ноември 2024

Првото рочиште за случајот „Беса Транс“ одложено за 15 ноември

Првото рочиште за случајот „Беса Транс“ одложено за 15 ноември
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Првото рочиште од судењето за „Беса Транс“, компанијата во чиј автобус во ноември минатата година во несреќа загинаа 45 македонски државјани, е одложено за 15 ноември. Одлагањето уследи бидејќи не беа исполнети условите за одржување на јавна расправа поради тоа што обвинетото правно лице немаше официјален застапник. На судењето, обвинетиот Беким Хаџиу, сопственик и управител на „Беса Tранс“, изјави дека е овластен претставник на обвинетото правно лице, на што Судот посочи дека како обвинет во оваа постапка не може да биде и овластен претставник на обвинетото правно лице во истата постапка. - Се задолжува обвинетиот согласно член 511, како управител на правното лице, да определи претставник од редот на одговорните лице и од вработените во правното лице, рече судијата. Во случајот обвинети се едно физичко и едно правно лице за продолжено кривично дело „фалсификување исправа“. - Обвинетиот 41-годишник, како управител на правното лице од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај. Ваквата лиценца за наведениот автобус воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски, а управителот изготвената лажна јавна исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница. Во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека во периодот од 10.01.2021 до 21.11.2021 година автобусот на тој начин 20 пати ја преминал државната граница на различни гранични премини, се наведува во обвинителниот предлог. Процесот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски. ар/сп/

Остани поврзан