• понеделник, 23 декември 2024

Пратеничката Зајкова на состанок на Мрежата на млади парламентaрци на ПС ОБСЕ во Ставангер, Норвешка

Пратеничката Зајкова на состанок на Мрежата на млади парламентaрци на ПС ОБСЕ во Ставангер, Норвешка

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) - Пратеничката Моника Зајкова, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествува на состанокот на Мрежата на млади парламентaрци на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 4 до 6 септември годинава во Ставангер, Норвешка.

Како што соопшти собраниската прес - служба, главна тема на состанокот е енергетската безбедност и младите, со цел младите парламентарци од ПС на ОБСЕ поблизу да се запознаат со енергетските прашања и решенија и истите да се разгледаат од перспектива на безбедносната политика.

Пред пратениците се обратиле високи претставници на Регионот Ставангер и на Стопанската комора на Ставaнгер, што е седиште на неколку енергетски компании и затоа се нарекува енергетски главен град на Норвешка.

Обраќање на состанокот имал и Томас Атард, портпарол на Малтешкото претседателство со ОБСЕ, кој, се наведува во соопштението, се осврнал на значењето на енергетската безбедност, што драстично се зголеми од почетокот на руската агресивна војна во Украина, како и на зелената транзиција кон енергетски систем, којшто е климатски поприфатлив.

Во дискусијата во која учествувала и пратеничката Моника Зајкова, станало збор за улогата на младите парламентарци во обликувањето на идната енергетска безбедност.

Во рамките на состанокот во Ставангер, се одржала и седница на Мрежата на млади парламентaрци на ПС на ОБСЕ. На седницата, Дејвид Стогмулер, пратеник од Австрија и претседател на Мрежата, поднел извештај за активностите на ова тело, со акцент на резолуцијата за младинските перспективи во иднината на меѓународните односи, усвоена на Годишната сесија на ПС на ОБСЕ.

На седницата станало збор и за резултатите од иницијативата „Младински перспективи“, како и плановите за 2024 - 2025 година. Младите пратеници размениле мислења и предлози за идните активности на Мрежата.

Како што најави собраниската прес-служба, програмата продолжува со средба со градоначалникот на Ставангер, како и посета на хидроцентралата „Форли“, Норвешката офшор дирекција, Зедничкиот воен центар на НАТО и седиштето на енергентската компанија Equinor ASA.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина. цр/лв/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан