Мицкоски: Поединци од СДС потпалуваат за да има политички пожари, а го бранат и Коцевски како последен бастион кој го брани нивниот криминал
- Тој го искоментира гласањето недоверба за јавниот обвинител Коцевски. -Уште една тема којашто вчера многу јасно, кристално јасно ја видовме во македонското Собрание како постапуваат против интерпелацијата на државниот јавен обвинител. Сами се соголија. СДСМ и ДУИ останаа единствената сламка за спас на кариерата на државниот јавен обвинител затоа што е јасно дека тој им е последниот бастион во одбрана на нивниот криминал во изминатите 7 години, затоа нема ниту еден отворен случај против висок функционер на СДСМ и ДУИ, посочи Мицкоски.
Скопје, 30 јули 2025 (МИА) - Премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашната трибина „Реформи во здравството, ги градиме темелите на промените“ во Штип, се осврна на актуелни теми меѓу кои ситуацијата со пожарите и гласањето недоверба во Собранието за јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
-Гледам една нескриена радост и возбуда кај опозицијата од пожарите. Истата таа возбуда ја имаа и кога секојдневно ја злоупотребуваа големата и ужасна трагедија во Кочани. Така брутално, дневно политички и паушално излегуваат на прес-конференции додека стотици граѓани заедно со пожарникарите и полицијата и луѓето од Македонски шуми борба бијат на дневно ниво против пожарите во Македонија и во време кога за жал нашата татковина во одредени делови е во пламен, рече Мицкоски.
Според него, „тие наместо да бидат помеѓу народот одбираат со салонски прес-конференции да потпалуваат и да се радуваат на секој пожар“.
За разлика од претходната влада, сега актуелната за една година ги стави во употреба авионите, леталата, цела флота на БТР возила, хермелини и пинцгауери за гасење на пожари.
Мицкоски се осврна на отсуството на чувство за приоритетите и важни работи кај опозицијата, како и целосно отсуство на одговорност кон својот народ.
-Кога нивни луѓе ќе ги видиме озарени како потпалуваат пожари за да има политички пожари, како живи ќе ги фатиме со огнот во раце за да имаат потоа причина за прес-конференции, тука се е јасно, кажа Мицкоски.
Тој го искоментира гласањето недоверба за јавниот обвинител Коцевски.
-Уште една тема којашто вчера многу јасно, кристално јасно ја видовме во македонското Собрание како постапуваат против интерпелацијата на државниот јавен обвинител. Сами се соголија. СДСМ и ДУИ останаа единствената сламка за спас на кариерата на државниот јавен обвинител затоа што е јасно дека тој им е последниот бастион во одбрана на нивниот криминал во изминатите 7 години, затоа нема ниту еден отворен случај против висок функционер на СДСМ и ДУИ, посочи Мицкоски.
Според Мицкоски, „паѓаат во вода сите оние тиради од прес-конференции за оној страшен ужасен случај во Кочани, оние лажни повици, буцкањата каде лажно велеа дека бараме правда“.
-Па тој случај токму го води, токму овој за којшто сега зборував, нивниот државен јавен обвинител и нема потреба да повикуваат јавно, слободно нека си го викнат, нека си се затворат во канцеларија тие малкумина што останаа во раководството на СДСМ и ДУИ и нека си го прашаат Коцевски до каде е. А ние нема да се откажеме од борбата за правда и подобар живот, и правда ќе има, и ќе има подобра иднина која сакаме да ја донесеме, порача Мицкоски. нд/вг/
Фото: ВМРО-ДПМНЕ