Андоновски: Очекувам граѓаните да ни ја дадат довербата на изборите, да освоиме повеќе градоначалнички места од 2021 година
- Очекувам граѓаните дека ќе ни ја дадат довербата на изборите, имаме добри кандидати и добра програма, истакна секретарот за меѓународна соработка во ВМРО-ДПМНЕ и министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Скопје, 30 јули 2025 (МИА) - Очекувам дека граѓаните ќе ни ја дадат довербата на изборите, имаме добри кандидати и добра програма, истакна секретарот за меѓународна соработка во ВМРО-ДПМНЕ и министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
-ВМРО-ДПМНЕ има една предизвикувачка задача да освои повеќе градоначалнички места од 2021 година. Јас не би одел со апсолутни бројки на излезност, затоа што знаеме каква е разликата на излезност на локални визави парламентарни, па уште и во комбинација со претседателски како што беше минатата година. Во зависност од излезноста, ние треба да одиме на максимизирање на бројот на гласови во смисла на добивање едно градоначалничко место повеќе од 2021 година. Тоа е предизвикувачки, затоа што ние имаме повеќе од 40 градоначалници сега, голем дел од нив се повторно кандидати. Но мислам дека со добра програма, со добар отчет на градоначалниците кој што се случува во наредниот период во кој што ќе кажат што ветиле, а што реализирале, каде би имало недостатоци и што треба да се коригира и што планираат во наредниот четири години, ние ќе успееме да освоиме едно или две градоначалнички места повеќе од минатите избори во 2021 година. И тоа е нашиот таргет, рече Андоновски на вечерашното гостување во„Вести плус“ на Телевизија Канал 5.
Смета дека ВМРО-ДПМНЕ има добар потенцијал и добри кандидати да освојат повеќе градоначалнички места.
-Мислам дека имаме добар потенцијал и добри кандидати тоа да се случи. Онаму каде што сметавме дека се потребни одредени освежувања, тие ги правиме и мислам дека ќе имаме одличен склоп на кандидати за градоначалници, добра програма, една квалитетна позитивна кампања во која ќе кажеме што сме сработиле и што можеме да сработиме, што може да се очекува во наредниот период. Очекувам граѓаните ќе ни ја дадат довербата на изборите, рече тој.
На прашањето доколку ДУИ на локалните избори има подобри резултати од ВРЕДИ, Андоновски смета дека ВРЕДИ има кандидати кои можат да парираат и имаат сериозен потенцијал.
-Јас многу често го слушам тој коментар во јавноста дека поинтересна, понеизвесна би била трката во таканаречените доминантно мнозински албански општини, каде Албанците се доминантно мнозинско население, но прво би требало да се размисли дали ДУИ кандидира луѓе коишто се обременети со кривични пријави и дали имаат минато на нереализација или пак кандидира луѓе коишто се претставувале дека ќе бидат претседатели на цел свет само минатата година, па потоа се кандидира за претседатели на Македонија со тоа искуство од пола свет, па сега се спуштија под да не ме сфаќаат погрешно граѓаните на Општина Чаир се спуштија да бидат „татковци на една општина во Скопје“. Дали е тоа знак на очај од страна на ДУИ и дали е последна сламка за спас на ДУИ? Ќе кажат граѓаните. Тие се суверенот кој што кажува како треба да се движи политиката. Но, мислам дека ВРЕДИ има кандидати кои можат да парираат и имаат сериозен потенцијал, изјави тој.
Потенцира дека ДУИ е нереформирана партија посочувајќи дека е небулозно однесување истите лица кои ги креирале проблемите за македонските граѓани да се претставуваат како нови ликови.
-Интересно е да се погледне Општина Сарај каде што ДУИ воопшто и не кандидира свој кандидат за градоначалник. Интересно е да се погледнат и други општини во кои што ДУИ се повлекува од трката и првпат коалицира во таква голема коалиција, затоа што сама е свесна дека ќе ги загуби изборите. ДУИ е нереформирана партија. Тоа останува како факт, независно од тоа кого ќе кандидираат. Не можат истите луѓе кои ги креираа проблемите за македонскиот народ, за сите македонски граѓани сите овие години, коишто го испразнија Гостивар, го девастираа Кичево, коишто направија само штета на македонските национални интереси, повторно да се претставуваат како нови ликови. Мислам дека тоа е едно небулозно однесување коешто граѓаните го препознаваат и мислам дека ќе го казнат на овие избори. Но, сепак граѓаните ќе имаат можност за зборуваат гласно, рече тој.
Андоновски нагласи дека стратешкиот пристап на меѓусебно поддржување со владините партнери се покажал како одличен и очекува и на локалните избори да им донесе добри резултати.
-Ние изминатите избори, исто така се одлучивме за една коалиција со тогашната Алијансата за Албанците и Алтернатива во којашто не кандидиравме градоначалници во одредени општини. Не сме го кажале завршниот збор каде точно се ќе имаме кандидати за градоначалници, но тоа е еден принципиелен пристап во којшто се поддржуваме за да победиме и за да имаме најдобар можен резултат, се покажа таа тактика или тој пристап како одличен. Имавме голема победа во Бутел, во Гази Баба и во многу други општини со мешано етничко население. Мислам дека таков стратешки пристап кој што го имавме во 2021 година, продолжи во 2024 година, сега ќе донесе исто така добри резултати, истакна министерот Андоновски. фф/вг/
Фото: Принтскрин од видео