• четврток, 18 септември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Имаме 6.600 трансакции месечно, што е зголемување за повеќе од шест пати на бројот на корисници на е-услуги, вели Андоновски

Имаме 6.600 трансакции месечно, што е зголемување за повеќе од шест пати на бројот на корисници на е-услуги, вели Андоновски

Скопје, 30 јули 2025 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вечерва изјави дека Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан што ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје, ќе не постави на мапата на цел Балкан.

-Задоволен сум. На 1-ви и 2-ри октомври ќе биде Дигиталниот самит кој што не поставува на мапата на цел Балкан. Ќе бидат присутни министри од целиот регион на тој дигитален самит. Ќе се одржи во Музејот на современа уметност во Скопје. Веќе работиме и денеска тимот беше во посета на Музејот, анализираме како да изгледа најдобро можно, да претставиме некои нови работи кои ги подготвуваме во Министерството и во државата, рече Андоновски во вечерашното гостување во „Вести плус“ на Телевизија Канал 5.

Андоновски нагласи дека после долги години, во државата има сеопфатен системски пристап кон дигитализацијата и дека прв пат по долги години ги поставиле темелите на процесот на дигитализација, а тоа го потврдува и зголемувањето за над шест пати на бројот на корисници на порталот за е-услуги на Владата.

-Мислам дека првпат по долги години, можеби после повеќе од десеттина години, ние имаме сеопфатен системски пристап кон дигитализација којшто не значи проектче за дигитализација во некоја институција или мал проект во некоја општина, туку е системски пристап кој што дава резултати. Често ја кажувам бројка која што е можеби највпечатлива, ако сме имале 1000 трансакции на порталот за услуги до моето доаѓање во Министерството, сега денеска имаме 6.600 трансакции месечно, што е зголемување за повеќе од шест пати на бројот на трансакции. Граѓаните го препознаваат порталот, што значи дека граѓаните едвај чекаат државата да се дигитализира. Покажаа приватниот сектор во целиот изминат период дека е предводник на овој процес, сега конечно државата се приклучува и во некои работи исчекоруваме напред. Треба уште работа. Не велам дека сме завршиле, но мислам дека темелите ги поставивме на процесот на дигитализација и сега полека-полека градиме и ќе имаме доста успеси во наредниот период, рече тој.

Во однос на тоа дека кабелските оператори се уште не плаќаат за програмата која ја преземаат од националните телевизии, министерот за дигитална трансформација потенцира дека повикувале тие заедно да го разрешат ова прашање со меѓусебно разбирање. Доколку кабелските оператори заедно со националните телевизии не успеат да го решат, тогаш, како што рече, државата ова прашање ќе го регулира со законска материја како и многу други држави. фф/вг/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан