Почнува Европското првенство во шах во Скопје
- Во Скопје денеска почнува еден од најголемите шаховски настани, Европско првенство во категориите „рапид” и „блиц”. Повеќе од 400 шахисти веќе пристигнаа во хотел „Континентал“ во Скопје и се подготвуваат за првата партија која ќе се одржи на 7 декември.
Скопје, 6 декември 2024 (МИА) - Во Скопје денеска почнува еден од најголемите шаховски настани, Европско првенство во категориите „рапид” и „блиц”. Повеќе од 400 шахисти веќе пристигнаа во хотел „Континентал“ во Скопје и се подготвуваат за првата партија која ќе се одржи на 7 декември.
Меѓу учесниците се познати шаховски имиња од Европа и целиот свет, високо пласирани играчи, велемајстори, (над 2.600 рејтинг поени) кои токму во Скопје ќе се борат за титулата европски прваци во брз шах, односно во категориите „рапид” и „блиц”.
Првенството во „рапид“ ќе се игра по швајцарски систем од 11 кола со временска контрола 15 минути игра + 10 секунди по потег почнувајќи од првиот потег.
Европското првенство во „блиц“ 2024 година ќе се игра на 9 декември, со 13 кола, швајцарски систем и временска контрола од 3 минути + 2 секунди за секој потег, почнувајќи од првиот потег.
Европското поединечно првенство во шах (шах 960) ќе се одржи на 10 декември и ќе се игра по швајцарски систем, во 11 кола со временска контрола 10 минути игра + 5 секунди по потег почнувајќи од првиот потег.
Вкупниот награден фонд на настаните е 47.000 евра плус дополнителни 3.000 евра во ваучери на „Modern chess”. Наградниот фонд на Европското првенство во шах во „блиц” е 12.000 евра, плус дополнителни 1.000 евра ваучери од сајтот „Modern Chess”.
Наградите за Европското првенство во брз шах изнесуваат 20.000 евра + 1.000 евра ваучери за сајтот „Modern Chess”. Наградниот фонд за Европското првенство во „Фишеров шах по случаен избор” ќе изнесува 15.000 евра, со дополнителни ваучери за „Modern chess” од 1.000 евра.
Официјалното отворање на настанот е предвидено за 6 декември од 20 часот во хотел Континентал. дс
Фото: Архива