• недела, 21 јули 2024

Почна реконструкцијата на покривот на училиштето „Кочо Рацин“ во Куманово

Почна реконструкцијата на покривот на училиштето „Кочо Рацин“ во Куманово
Куманово, 15 февруари 2021 (МИА) - Почна реконструкцијата на покривот на училиштето „Кочо Рацин“ во Куманово, соопштија денеска надлежните од училиштето. Ова е прва фаза од реконструкцијата со која треба да се заменат 624 метри квадратни од покривот. - Приоритетна цел на училиштето години наназад беше да се замени стариот азбестен покрив, кој на многу места е оштетен, протекува, и е штетен по здравјето на нашите ученици и вработени. После долги години аплицирање на проекти и барање средства за ваква голема инвестиција, на крај се најде решение. Градоначалникот и општина Куманово обезбедија финансиски средства во првата фаза да се заменат 624 метри квадратни, а во втората фаза останатиот дел од покривот. Вкупната површина на покривот е 2510 м2. За првата фаза се обезбедени 1.737.262 ден со ДДВ, а фирмата која го доби тендерот и е изведувач е ДГПП „Баџак инжинеринг“ ДОО Скопје, изјави директорката на училиштето, Лидија Пешевска. Реконструкцијата ќе опфати отстранување и демонтажа на дотраената конструкција. - Училиштето досега со сопствени средства и сили правеше напори да се санираат деловите кои течат и да се направи санација после протекувањето, но и потрошените финансии и нашата работа не даваше големи ефекти, изјави Пешевска. Училиштето ООУ „Кочо Рацин“ Куманово има шест подрачни и едно централно училиште, со вкупно 1.270 ученици и важи за едно од најголемите училишта и по број на ученици и по број на подрачните училиште и по регионалната распространетост. ам/аа/

Остани поврзан