Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први" ќе потпишат меморандум за соработка
- Потпишувањето на меморандумот, како што информираат од Судот, е првиот чекор кон реализирање на еден од врвните приоритети на претседателот Костадиновски, којшто при преземањето на функцијата најави дека ќе се заложи за интензивирање на соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката.

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Меморандум за соработка денеска ќе биде потпишан меѓу Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први” - Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Меморандумот ќе го потпишат претседателот на Судот Дарко Костадиновски и деканот Сашо Георгиевски.
Потпишувањето на меморандумот, како што информираат од Судот, е првиот чекор кон реализирање на еден од врвните приоритети на претседателот Костадиновски, којшто при преземањето на функцијата најави дека ќе се заложи за интензивирање на соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката.
На потпишувањето на меморандумот претходеше работна средба што се одржа минатата недела во Уставниот суд, на која беше дискутирано за можностите за унапредување на соработката помеѓу двете институции.
- По потпишување на меморандумот се очекува поголема присутност на професори особено од областа на уставното право во секојдневните активности, согласно надлежностите на Судот, како и воспоставување на програми и проекти, работилници и конференции на кои ќе се разменуваат ставови и мислења на важни теми од значење за уставното судство, кои ќе донесат бенефит за двете страни-потписнички, соопштуваат од Уставниот суд. дма/са/
Фото:Уставен суд