Потпишани договорите за поддршка на 11 општини за инфраструктурни проекти од областа на културата
- Со вкупно 50 милиони денари ќе бидат поддржани 11 општини во земјава за инфраструктурни проекти од областа на културата. Средствата се од Програмата за користење на капиталните дотации за инвестициски проекти во единиците на локална самоуправа од областата на културата за 2024 година.
Скопје, 1 февруари 2024 (МИА) - Со вкупно 50 милиони денари ќе бидат поддржани 11 општини во земјава за инфраструктурни проекти од областа на културата. Средствата се од Програмата за користење на капиталните дотации за инвестициски проекти во единиците на локална самоуправа од областа на културата за 2024 година.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која денеска ги потпиша договорите со градоначалниците чии општини добија средства за оваа намена, посочи дека Владата и Министерството за култура испраќаат јасна порака оти се препознаени потребите на локалната култура и вреднуваат креативни напори за нејзин понатамошен развој.
- Годинава за оваа намена го зголемивме буџетот за 10 милиони денари и нашата намера е секоја година оваа ставка континуирано да се зголемува. Даваме конкретна финансиска помош со која заеднички придонесуваме кон квалитетот на локалниот развој и имплементацијата на културните политики подеднакво во цела држава. Комисијата одлучи преку оваа програма за 2024 година со 50 милиони денари да бидат поддржани инфраструктурни проекти во 11 општини, рече Костадиновска Стојчевска.
Како што информираше, поддршката е наменета за изградба и адаптација на објектот „Парк“ во мултифункционален креативен центар во Општина Битола, реконструкција на мултифункционален центар „Дичо Зографски“ во колоритното Тресонче во Општина Маврово и Ростуше, реконструкција и адаптација на Домот на културата во Општина Дојран, поставување на фотонапонски панели на покривот на Библиотеката „Гоце Делчев“ во Општина Велес, изградба на Домот на култура во Општина Чашка, реконструкција на Музејот на Демир Капија, реконструкција на Спомен домот на АСНОМ во Општина Делчево, Партизанскиот дом Сандево во Општина Чучер Сандево, изградба на ограден ѕид и партерно уредување на Библиотеката и Музеј во Општина Кривогаштани, а летна сцена ќе добие Општина Богданци.
За набавка на осветлување на сценски настапи во трајна сопственост ќе добие поддршка и Општина Крушево.
- Овие 11 проекти се континуитет во поддршката за одржлив и функционален развој на локалната култура, како неприкосновен суштински дел од нашиот културен идентитет. Оттаму, суштината на капиталните дотации во нивната крајна цел е поттикнување и охрабрување на културниот и креативниот потенцијал, културната разноликост, како оригиналност, оригиналноста како културна вредност, додаде Костадиновска Стојчевска.
Според министерката, локалниот културен идентитет мора досетливо да се избори за својата видливост.
- Повикувајќи и поттикнувајќи ги уметниците да се посветат на културниот развој на својот град, на својата општина, ние како Влада сакаме да потсетиме и на стратешката улога на културата, на тој постојан повик на креативната будност и уметничката слобода. Културата се повеќе се осознава и како индустрија која на локалната заедница може да и донесе големи економски бенефити. Токму затоа, заедно треба да помогнеме. Посакувам успешна и ефикасна реализација на проектите од културата во овие општини, додаде Костадиновска Стојчевска.
Градоначалниците на овие 11 општини изразија благодарност до Министерството за култура, затоа што, како што потенцираа во своето излагање, на овој начин станува поддржувач но и партнер во реализација на културно туристичката инфраструктура на општините.
Градоначалникот на Општина Дојран Анго Андов образложувајќи го проектот денеска пред потпишувањето на договорот во Владата, потенцираше дека конечно после 30 години ќе реконструираат стар објект, којшто беше оставен и не беше во функција, и токму ова, како што посочи, беше едно од најголемите барања од локалното население. Тој појасни дека Домот на културата ќе се адаптира во Младински културен центар.
Градоначалникот на Општина Кривогаштани, Николче Мискоски за проектот „изградба на ограден ѕид и партерно уредување на Библиотеката и Музеј“ пред потпишувањето на договорот, рече дека ќе постават греење и ладење во објектот, а дворот којшто во овој момент е земјина површина партерно ќе се уреди со бехатон плочки, а исто така ќе постават и ограда околу самиот објект.
Градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров посочи дека проектот за реконструкција на Музејот во оваа Општина ќе придонесе не само за реновирање и модернизација на објектот, туку и ќе создаде простор за креативност и културна интеграција. бт/ир
Фото: Принтскрин