• вторник, 24 декември 2024

Подобрена ситуацијата со пожарите на грчкиот остров Евија, на Пелопонез сè уште гори

Подобрена ситуацијата со пожарите на грчкиот остров Евија, на Пелопонез сè уште гори
Атина, 11 август 2021 (МИА) – Рано утрово, подобрена е ситуацијата со пожарите во северниот дел на островот Евија, додека пак ново разгорување има на Пелопонез во близина на античка Олимпија, јави дописничката на МИА од Атина. На Евија, по девет дена битка со огнените јазици, денеска има многу помали разгорувања на веќе постоечките жаришта, намален е и чадот, што ќе им ја олесни работата на авионите и хеликоптерите. Според противпожарната служба на Грција, на островот интервенираат 892 пожарникари со 50 пешадиски тима и 232 возила, а помагаат и пожарникарите од Кипар, Србија, Украина, Романија, Словачка, Молдавија и Полска. За интервенција од воздух, подготвени се пет авиони и 12 хеликоптери. Голем е бројот на противпожарните сили што учествуваат и во гаснењето на пожарот во западниот дел на Пелопонез каде што битката со огнената стихија траеше во текот на ноќта, продолжува и денеска, а превентивно беа евакуирани околу 20 села. Во античка Олимпија и Гуртина на Пелопонез, интервенираат 578 пожарникари, на грчките им помагаат нивни колеги пожарникари од Велика Британија, Германија и Франција, а на располагање заедно со седум хеликоптери и шест авиони е и рускиот авион Бериев-200 за гаснење од воздух. Синоќа, на атинскиот аеродром пристигна првиот руски авион Ил-76, што Москва го испраќа по барањето на Атина за помош и ќе се вклучи во гаснењето на пожарите, а од амбасадата на Русија во Грција, на социјалните мрежи објавија видео од пристигнувањето. ср/сд/

Остани поврзан