• среда, 25 декември 2024

Плеврис: Веројатно е наесен да биде потребна четврта доза од вакцината за општото население

Плеврис: Веројатно е наесен да биде потребна четврта доза од вакцината за општото население
Атина, 30 мај 2022 (МИА) – Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис ја остави отворена можноста на есен да биде потребна четврта доза од вакцината за општото население, јави дописничката на МИА од Атина. Говорејќи за грчката телевизија „Скај“, Плеврис рече дека „логиката покажува дека ќе биде потребна вакцинација“, објаснувајќи дека тоа е најверојатното сценарио, а текот на пандемијата ќе одреди дали втората бустер доза ќе биде задолжителна или не. Министерот за здравство на Грција истакна дека најдоброто сценарио е и за Ковид-19 да постои сезонска вакцина како што постои за грипот, „за да не мораме постојано да го повикуваме населението да се вакцинира“. Вакцинацијата со четврта доза во Грција веќе е започната, но само за одредени категории. Првично беше за постарите лица над 80-годишна возраст и за ранливите категории, а на почетокот на април Комисијата за имунизација препорача и граѓаните над 60-годишна возраст, особено оние кои имаат сериозни здравствени проблеми, да примат и четврта доза од вакцината, доколку се поминати најмалку четири месеци од бустер дозата. Во однос на мерките во земјата, министерот за здравство на Грција во интервјуто за „Скај“ рече дека оваа седмица надлежната комисија ќе го разгледа протоколот за употребата на маска во бродовите, со оглед на тоа дека од среда се укинува задолжителната маска во сите затворени простори, со исклучок на болниците, домовите за стари лица и градскиот јавен превоз. За текот на пандемијата, Плеврис рече дека укинатите мерки не донесоа зголемен број новозаразени, а намален е бројот и на пациенти хоспитализирани на одделите за интензивна нега во грчките болници. -Што ни покажува ова? Ни покажува дека во текот на летото се чини дека нема да има притисок од пандемијата, но сепак, затоа гледате, се трудам да бидам многу внимателен, сите ни велат, сите научници овде во Грција и во странство и ECDC, дека мора да бидеме многу внимателни, бидејќи и под овие услови, и да остане ваква ситуацијата со мутацијата на Омикрон, наесен дефинитивно ќе имаме притисок, рече Плеврис додавајќи дека сепак притисокот нема да биде ист како во изминатите две години. Од почетокот на пандемијата во Грција се потврдени 3.445.538 случаи на Ковид-19 и починаа вкупно 29.803 лица. ср/

Остани поврзан