• петок, 08 ноември 2024

Петровска - лорд Стјуард Пич: Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство ја зацврстува безбедноста на регионот и колективната безбедност на Алијансата

Петровска - лорд Стјуард Пич: Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство ја зацврстува безбедноста на регионот и колективната безбедност на Алијансата

Скопје, 3 април 2024 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретнала со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западниот Балкан, лорд Стјуард Пич со кого разговарала за безбедносната состојба во Европа и во регионот на Западниот Балкан и за развојот на одбранбените односи помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство како сојузници во Алијансата, соопштија од Министерството за одбрана (МО).

На состанокот присуствувал и амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Метју Лосон.

Северна Македонија, нагласила министерката, го смета Обединетото Кралство за сојузничка земја со која имаме силни пријателски врски и развиена одбранбена соработка која ни помогна да ги достигнеме НАТО стандардите.

- Нашата заедничка посветеност кон зацврстување на безбедноста и стабилноста е повеќе од видлива. Со британска поддршка, ние продолжуваме да го развиваме нашиот најголем полигон во модерен тренинг центар кој нуди одлични услови за развој на интероперабилноста помеѓу сојузниците во НАТО, рекла Петровска, стои во соопштението од МО.

Специјалниот претставник, лордот Пич на средбата истакнал дека Северна Македонија и Обединетото Кралство имаат силна одбранбена соработка, видлива преку континуираната британска поддршка во доменот на военото образование, разни видови на донации и заеднички вежби на припадници на двете вооружени сили на полигонот „Криволак“.

Во соопштението се посочува дека Обединетото Кралство е сојузничка земја со која Северна Македонија има развиено сеопфатна одбранбена соработка. Во 2023 година беа реализирани десет заеднички обуки и вежби, а припадници на Армијата продолжија да се усовршуваат на високи воени школи во оваа земја.

На „Криволак“ со поддршка од Обединетото Кралство од околу еден милион британски фунти поставени се 14 комплексни мобилни единици за обука на армиските припадници во урбана средина, донирани се електронски системи за таргетирање, а во финална фаза е изработката на кула за гаѓање. Дополнително, британски војници реализираа голем број на обуки со припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група на македонската Армија. цр/аа/

Фото: МО

Остани поврзан