Петровска: Зад мене не стои ниту еден поранешен претседател на СДСМ и тоа е мојата предност
- СООПШТЕНИЕ
Скопје, 22 јуни 2024
Јас немам багаж, зад мене не стои ниту еден поранешен претседател затоа што не сакам да сум ничија продолжена рак и затоа сум во голема предност пред другите кандидати, немам багаж, а имам интегритет, не правам компромиси за непринципиелни коалиции, не сум бизнис ориентирана и ќе направам се за СДСМ да успее, вели кандидатката за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска во интервју за порталот Независен.
Петровска во интервјуто вели дека мора да има анализа на резултатите од 2024-та, но и на резултатите од 2021 и во 2020 година, кога според неа, почнал да се наѕира или да се најавува поразот на СДСМ.
- Уште поважно е таа анализа да не биде задача само на неколкумина, туку членството во рамките на месните и општинските организации да го каже своето мислење. А, членството има многу што да каже за сите 7 години власт на СДСМ и многу точно да ги посочи пропустите, кои во минатото беа ставани под тепих. Едноставно мора да се соочиме со самите себеси и со нашите слабости за брзо да се вратиме на победничките патеки, вели Петровска.
Запрашана за наводните поделби внатре во партијата и како ќе го обедини членството, Петровска истакна дека таа како иден лидер ќе ја врати моќта на одлучувањето назад кај членството.
- Лаги се шпекулациите дека со некој од кандидатите сум се договорила за постизборно приклучување во раководството на тој што ќе победи. Јас имам коалиција со членството, тоа ми е потребно. СДСМ треба да се врати на идеолошките корени, токму тоа треба да биде и ќе биде обединувачкиот фактор внатре во партијата. Фокусот ќе ми биде враќање на моќта на одлучувањето кај членството, тоа и го пишувам во Манифестот за социјалдемократијата. Мораме да расчитиме со лошите навики на носење одлуки во тесен круг на раководството и креирање политики во одбрано друштво, без притоа членството да биде консултирано или во најмала рака на време информирано за одредени процеси порача Петровска.
Манифест на социјалдемократијата
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.