• петок, 22 ноември 2024

Перински: Децентрализација на власта останува најважен принцип

Перински: Децентрализација на власта останува најважен принцип

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) - Подобрувањето на функционалноста на локалните самоуправи и дигитализација на услугите беа во фокусот на отворањето на дваесет и третиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). 

Во рамките на првата тема „Развој во процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ“ од состанокот што се одржува во Скопје, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека е приоритет да се подобрат условите за живеење во сите општини.

-Децентрализација на власта останува најважен принцип, приоритет е да се подобри функционалноста на локалната самоуправа. Предвидено е до крај на 2026 да бидат создадени сите предуслови за дигитализација на пакет услуги, рече министерот. 

Шефот за соработка од Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Стефен Худолин, кажа дека состанокот е добра можност за мултивмрежување.

-Овој состанок е во важен момент. Во клучен момент за иднината на ЕУ. Потребна е политичка волја за влез во ЕУ. Веруваме дека сцената е наместена. Она што треба да продолжи се реформите, посочи тој.

Патрик Молиноз, претседателот на Комисијата CIVEX (Комисија за државјанство, владеење, институционални и надворешни работи при Европскиот Комитет на региони, потенцираше дека е неопходно да се форсира децентрализацијата.

-Сами не сме ништо, може да растеме во светот само ако се залагаме и градиме посилна ЕУ. Децентрализацијата мора да се форсира и да биде главен дел од процесот за локалните самоуправи да добијат средства да ги остварат целите, рече тој.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, заедно со Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија се домаќини на дваесет и третиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). Делегатите во ова тело се од редовите на градоначалници и советници од нашата земја и од земјите на Европската Унија.

Втората тема на овој состанок е посветена на „Дигитална транзиција, особено во локалните и регионални јавни услуги“ кога пред присутните ќе се обратат заменик министерот за дигитална трансформација во нашата земја, Радослав Настасијевиќ Варџински, известителот на Комитетот на региони за Зајакнување на локалната власт и претставничката демократија преку нови инструменти за дигитална технологија, Раит Пиџеглас, претставници од НАЛАС и од АЛДА.

Заедничкиот консултативен комитет помеѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) го сочинуваат вкупно 22 делегати, односно по 11 делегати од двете страни, при што се избираат и нивни заменици, сите од редовите на градоначалници и советници. Со ова тело, кое одржува најмногу два состанока во текот на една година, од кои едниот во Брисел, а другиот во Скопје, заседаваат двајца ко - претседавачи. Актуелен ко- претседавач од нашата земја е Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, а од страна на Комитетот на регионите е Јасна Габриќ, член на Собранието на Општина Трбовље (Република Словенија) и член на Европскиот Комитет на региони. ЗКК е воспоставен уште во 2008 година, со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните и регионалните власти. ар/ев/

ФОТО: МИА

Остани поврзан