Перински за МИА: Ако одлуката за финансирање проекти за општините беше политичка, немаше да добијат и градоначалници од други партии
- Одлуката за распределба на средствата за финансирање на инфраструктурни проекти во општините не е политичка. Има општини што ги предводат градоначалници од СДСМ, а што добија средства како на пример Делчево, Берово, Крива Паланка... Ако беше политика немаше да добијат, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински во интервју за МИА.
Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - Одлуката за распределба на средствата за финансирање на инфраструктурни проекти во општините не е политичка. Има општини што ги предводат градоначалници од СДСМ, а што добија средства како на пример Делчево, Берово, Крива Паланка... Ако беше политика немаше да добијат, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински во интервју за МИА.
Тој не сакаше да ја коментира изјавата на градоначалничката на Град Скопје која ваквата владина одлука ја нарече пресметка со неистомисленици. Вели проблемот во главниот град е системски и со ниту една интервентна мерка не може да се сменат работите. Посочува дека на наменската сметка на Град Скопје стојат 650 милиони денари коишто повеќе од две години не се користат за ништо, а се наменети за булеварско решение што, според него, укажува на немање капацитет.
- За жал, изминатите две-три години имаме проблем затоа што системот во целост е дерогиран. Со ниту една интервентна мерка не може тоа да го смениме. Во суштина треба да се предложи системско решавање за сите проблеми коишто се наталожени на територија на Град Скопје. Дополнително на наменската сметка на Град Скопје лежат 650 милиони денари што повеќе од две години не се користат за ништо, а се наменети за булеварско решение во рамки на градот. значи од една страна евидентно е немањето на капацитет, а од друга страна потребен е системски пристап за решавање на проблемите по сите основи - имаме проблем со собирањето на сметот, проблем со долгот на Град Скопје, долгот на јавните комунални претрпијатија, јавниот превоз... нагласува Перински.
За Општина Струмица, чии проекти заедно со проектите на Град Скопје, Сарај и Теарце не беа прифатени, министерот Перински појаснува дека градоначалникот Костадин Костадинов аплицирал со проект којшто веќе е тендериран и за кој се отпочнати градежните активности.
- Ја слушав изјавата на градоначалникот на Струмица. Мене ми е жал што градоначалникот на Струмица, иако беше присутен на средбите што ги организиравме во Владата каде беше презентирано што е неопходно за да се добијат овие средства и му беше предочено дека доколку има некој поголем проект може да го подели во фази и по фази да аплицира за да се финансира од страна на централниот буџет. Мене ми е многу жал затоа што општина Струмица аплицираше со проект што е веќе тендериран и се отпочнати градежни активности за реализација на истиот, истакнува Перински.
Перински открива дека отповикувањето на градоначалниците што нема да ја извршуваат својата функција за која се избрани од страна на граѓаните би требало да биде преку референдумско изјаснување. Отповикувањето на градоначалник е една од новините што треба да бидат дел од законското решение за локална самоуправа кое се предвидува да биде готово до март, а за кое дотогаш ќе се отвори широк консултативен процес во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни - експерти, градоначалници, претседатели на совети, граѓани сектор.
- Во суштина, отповикот на градоначалник врз основа на примерите кои пред да започне процесот ги разговаравме со експертскиот тим, би требало да биде преку референдумско изјаснување на оние кои истиот градоначалник го довеле на таа позиција на која што е. Мора да бидеме многу внимателни и сите измени да ги интегрираме согласно Уставот за да немаме после тоа проблеми и аномалии во донесувањето на истото законско решение. Значи навистина ќе се внимава на секој момент и затоа мислиме дека е најсоодветно оваа промена или оваа адаптација на законот да оди преку референдумско изјаснување на граѓаните од таа општина, во која што треба да се јави оваа можност во иднина, вели Перински.
Вчера е одржан и првиот иницијален состанок со експертскиот тим, кој во првата фаза треба да ги увиди слабостите на постојното законско решение преку детална анализа.
Новина во законот треба да биде и комуналната полиција за која министерот вели дека ќе им заштеди средства во буџетите на општините затоа што ќе се спречи девијантното однесување на поединци и нема да има потреба од дополнителни финансиски средства за санација на уништената урбана опрема.
Финансирањето на општините што го применува сегашната власт, според Перински е многу поразлично од пристапот што го применила претходната со одвојување на средства за покривање на долговите на општините.
- Кога давате средства за подмирување на долговите само стимулирате неработење и тоа се покажа изиминатите години како еклатантен пример на погрешен пристап на решавање на проблемите бидејќи истите тие општини кои добија средства за да ги покријат долговите, сега повторно се загубари. Оваа Влада рече секоја општина која е подготвена да имплементира веднаш, ќе добие средства. Парите нема да стојат на некоја наменска сметка, туку ќе бидат наменети за оние општини што може да имплементираат веднаш, вели Перински.
Смета дека општините мора да го сменат начинот на проектирање на буџетите и дека мора рационално да ги користат своите буџети.
- Во Законот за финансирање на единици на локалната смаоуправа има предвидено механизам да не може повеќе од 10 проценти да се зголеми буџетот на некоја локална самоуправа споредбено со минатата година и тоа е направено за да се превенираат овие дупки, но тоа не е доволно. Треба општините поревносно да си ја планираат приходната страна за да можат да ја исплатат во целост расходната страна, вели Перински.
Се согласува дека општините треба да се транспарентни и во таа насока посочува дека со УСАИД работат на усвојување на кодекс на транспарентност којшто треба да ги даде правците како општините да бидат поотворени кон граѓаните.
- Градоначалниците мора да сфатат дека колку повеќе се транспарентни кон граѓаните, толку полесен мандат ќе имаат затоа што на крајот на денот граѓаните гласаат за да им ги решат проблемите, а градоначалниците ветуваат дека ќе им ги решат проблемите. Транспарентоста ќе им донесе само добро на градоначалниците, не може да им генерира некакви проблеми, нагласува министерот Перински.
Коментирајќи ги најавите на четирите општини Тетово, Гостивар, Желино и Чаир дека ќе го финансираат работењето на здружението Албанска академија на науките и уметностите, вели дека законска можност за такво нешто нема.
- Во суштина тоа е строго опишано во Законот за локална самоуправа во членот 11 кој вели дека приходите на локалните самоуправи треба да се трошат исклучиво за надлежностите кои се утврдени согласно Законот што во превод значи дека Законот сака да каже дека сите средства што општината ги колектира по кој било основ, ги распределува преку усвојување на одлуки и буџети на седница на Совет и треба да бидат исклучиво насочени за спроведување и реализација на основните законски надлежности на самата локална самоуправа. Во тие надлежности, Албанска академија на науките и уметностите не стои. Општината има можност да финансира здруженија и невладини организации, но и тие здруженија и невладини организации треба на некој начин да ги спроведуваат основните надлежности за кои таа локална самоуправа постои што значи дека ако точно се чита законот, законска можност за вакво нешто нема, појаснува Перински.
Не ја исклучува можноста на следните локални избори да се кандидира за градоначалник на Скопје. Вели дека доколку анкетите покажат дека тој е најсоодветниот предлог и доколку партијата во целост застане позади него, со задоволство ќе ја прифати кандидатурата. Она што за него е важно е процесот да биде отворен, транспарентен и базиран на аналитички податоци. Доколку анкетите покажат дека друг е посоодветен, вели дека ќе му даде целосна поддршка.
Во продолжение следува видео интервјуто со министерот Перински во целост:
Билјана Анастасова - Костиќ
Фото: Дарко Попов
Видео и монтажа: Аслан Вишко и Владо Рабасовиќ