• сабота, 21 декември 2024

Пачовски нов репрезентативен тренер на голманите

Пачовски нов репрезентативен тренер на голманите
Скопје, 7 март 2022 (МИА) – Поранешниот македонски фудбалски репрезентативен голман и капитен Томе Пачовски е нов член во стручниот штаб на „црвено – жолтите“, објави денеска Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Поранешниот голман на повеќе македонски екипи, на грчки Јоникос и на белгиските Бершот и Мехелен, ќе биде вклучен во стручниот штаб на селекторот Благоја Милевски како тренер на голманите во сениорската репрезентација. - За мене е голема чест што добивам можност да работам во националниот тим на Македонија. Со многу радост му се приклучувам на тимот предводен од селекторот Милевски. Верувам во оваа екипа и се надевам дека ќе помогнам. Имаме потенцијал, квалитетни фудбалери, селектор кој е студиозен, ништо не остава на случајност, работи според планирана програма и сака модерен фудбал, изјави Пачовски. Оцени дека имаме квалитетни голмани, но рече дека ќе се обиде да помогне тие да бидат подобри. - Заеднички ќе се трудиме да ја задржиме и надградиме позитивната атмосфера во составот. Нè очекуваат големи предизвици во следниот период, но секој вистински спортист се радува на тоа, рече Пачовски. Тој има 46 настапи за нашиот национален тим. За македонската репрезентација дебитираше 2006 година на пријателскиот натпревар против Турција, а последниот настап во националниот дрес го имаше против Украина во 2015 година. ег/свс/

Остани поврзан