Париз, Берлин и Лондон повикаа на обновување на прекин на огнот во Појасот Газа
- Франција, Германија и Обединетото Кралство повикаа на „итно обновување на прекинот на огнот“ во Појасот Газа и изразија незадоволство поради големиот број цивилни жртви откако Израел го прекрши примирјето.

Берлин, 22 март 2025 (МИА) - Франција, Германија и Обединетото Кралство повикаа на „итно обновување на прекинот на огнот“ во Појасот Газа и изразија незадоволство поради големиот број цивилни жртви откако Израел го прекрши примирјето.
Министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Обединетото Кралство, Жан-Ноел Баро, Аналена Бербок и Дејвид Лами синоќа во заедничка изјава го осудија „драматичното влошување на ситуацијата за луѓето од Појасот Газа, заложниците, нивните семејства и целиот регион“.
- Револтирани сме од бројот на цивилни жртви и повикуваме на итно враќање на прекинот на огнот. Ги повикуваме сите страни да продолжат со преговорите за прекинот на огнот да се спроведе во целост и да стане траен, се вели во соопштението.
Според Цивилната одбрана на Газа, 520 луѓе се убиени во израелските напади во енклавата откако Израел го прекрши примирјето на 18 март.
- Јасно е дека палестинското движење Хамас не смее повеќе да владее со Газа или да претставува закана за Израел. Сепак, овој конфликт не може да се реши со воени средства, наведуваат шефовите на дипломатиите на Франција, Германија и Обединетото Кралство, додавајќи дека „натамошното крвопролевање не е во ничиј интерес“.
Воздушните и копнените изралекси операции во Појасот Газа го нарушија кревкиот мир што владееше по стапувањето во сила на прекинот на огнот на 19 јануари на територијата уништена од војната што палестинското исламистичко движење ја започна пред повеќе од 17 месеци со напад на територијате на Израел.са/
Фото: ЕПА