Отворен јавниот повик за учество во програмата Општинско-корисна работа
- Во Берово е отворен јавниот повик за учество во програмата Општинско-корисна работа, која годинава ќе се реализира во рамки на проектот „Работа, Еднаквост и Хуманост”. Со програмата, како што
![Отворен јавниот повик за учество во програмата Општинско-корисна работа](https://mia.mk/index.php/images/20221113152907_big_730x400_43.webp )
Берово, 8 јуни 2022 (МИА) - Во Берово е отворен јавниот повик за учество во програмата Општинско-корисна работа, која годинава ќе се реализира во рамки на проектот „Работа, Еднаквост и Хуманост”. Со програмата, како што стои во јавниот повик, ќе бидат опфатени 18 невработени лица за работен ангажман од 9 месеци.
-Работните позиции кои се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање на воспитувачи и негуватели на деца од предучилишна возраст, негуватели за стари лица и фасилитатори за унапредување на социјален дијалог, информираа од Општината.
Право на учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ како што додадоа имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои за прв пат се јавуваат за учество во Програмата.
-За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во Програмата Општинско-корисна работа се предвидува паричен надоместок во висина од 9.000 денари бруто - износ за времетраењето на обуката и работното ангажирање, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест, додадоа од Општина Берово.
За повеќе детали од Општината ги упатија заинтересираните да се запознаат на општинската веб-страница, напоменувајќи дека невработените лица пријави за учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да поднесат во Агенција за вработување- Центар за вработување Берово во периодот до 15.06.2022 година, од 08:00 до 14:00 часот.
Активноста се реализира врз основа на Договорот за соработка помеѓу Агенцијата за вработување на РСМ и Договорот за соработка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и општина Берово, во рамките на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година усвоен од Владата на Република Северна Македонија, Програмата Општинско - корисна работа финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на РСМ. вс/ев/