• сабота, 09 ноември 2024

Отворена сензорна соба во кумановското основно училиште „Бајрам Шабани“

Отворена сензорна соба во кумановското основно училиште „Бајрам Шабани“
Куманово, 12 септември 2022 (МИА) - Учениците со образовни потешкотии од кумановското основно училиште „Бајрам Шабани“ од денеска ја користат сензорната соба чие отворање е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиски поддржан од ЕУ. Преку проектот  се подобрува инклузивноста во образовниот процес, а го спроведува фондацијата „Чекор по чекор“ заедно со Министерството за образование и наука, со општините и со две невладини организации, кумановската „Инклузива“ и тетовската „Хендимак“. За реализација на оваа сензорна соба е вклучен и донатор. Извршната директорка на фондацијата, Сузана Киранџиска, рече дека во изминатите 25 години фондацијата реализира активности кои го унапредуваат образовниот процес во земјата. Ова е 12-та сензорна соба. - Инклузијата е основно човеково право и сметаме дека секое дете има право на квалитетно образование, изјави Киранџиска извршна директорка на фондацијата „Чекор по чекор“. Таа посочи дека во рамки на проектот се обезбедуваат и стипендии. Заменик министерот за образование и наука, Лулзим Алиу, информира дека Министерството презема чекори за подобрување на пристапноста и достапноста на образовниот систем за сите ученици, со посебен акцент на учениците со попреченост. - МОН смета дека процесот на инклузија е приоритетен и од претходната година вклучени се 450 образовни асистенти, а од оваа се додаваат уште 250, вкупно 720 образовни асистенти. Работиме и на подготовка на нов Закон за средно образование, каде значајно место има инклузијата во средното образование, изјави Алиу. Одговарајќи на новинарски прашања заменик-министерот нагласи дека МОН планира да одвои средства за инклузијата, потсетувајќи дека од лани има образовани асистенти, од оваа учебна година е зголемен и опфатот. - Ако лани биле специјални едукатори, сега можат да бидат педагози, психолози, професори по одделенска настава. Тие во претходниот период следеа обуки за да работат со учениците кои имаат потреба. Како министерство дополнително доделуваме средства. Сите училишта спаѓаат по еден ресурсен центар, од Куманово припаѓаат под центарот „Иднина. Таму веќе е планирано, доделени се средства за инвестиции, нагледни средства, дидактички, рече заменик-министерот. Тој посочи дека законска обврска е сите училишта да имаат пристап за учениците со попреченост, лифт, рампи. - Наставата се одвива непречено, повикавме на рационално трошење на струјата. Мислам дека во ниту едно училиште нема да има прекин на наставата, заради недостиг на електрична енергија или други енергенси. Домаќински треба да се работи, таму каде што нема потреба да не се вклучуваат светла, да не се греат просториите непотребно. Преку мерките што ги донесе Владата и заеднички со општините ќе може оваа учебна година да се одвива без прекин, изјави Алиу. Претседателката на советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска рече дека во општина Куманово ова е второ училиште со сензорна соба, а во едно има инклузивно игралиште. - Доколку создаваме инклузивни заедници, постојано ќе ги подобруваме капацитетите за создавање инклузивна култура не само во училиштето, туку и во општината и ќе продолжиме партнерски да работиме со приватниот сектор, за да може секое училиште да добие простор во кој децата ќе имаат еднакви можности за раст и развој, изјави Ѓорѓиевска. Претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска повика по завршување на проектот со отворање сензорни соби и стипендии за учениците со попреченост, да ја преземат институциите, МОН и општините. - Инклузијата е комплексен процес во кој треба сите заеднички да работат. На локално ниво е направено истражување, утврдени се приоритетите за развој на инклузивна средина. Се надевам дека наредните години ќе развиеме сервиси за поддршка што дополнително ќе придонесат за еднаквост во општината, изјави Димитровска. Според неа, потребно е инклузијата да почне во предучилишни установи, задолжително вклучување во основното образование што овозможува побрз напредок на учениците. Димитровска вели дека има обучени наставници и друг кадар, но важно е и јавноста да покаже дека ја прифаќа различноста. - Да работиме на подигање на јавната свест. Секое училиште има специјални едукатори и рехабилитатори за изработка на програмата и по потреба да работат со децата. Понатаму очекуваме доградување, изјави Димитровска. ООУ „Бајрам Шабани“ во Куманово има 1.067 ученици, од кои 18 со попреченост, кои заедно со стручната служба ќе ја користат сензорната соба и ќе имаат можност преку индивидуална работа да ги развиваат своите потенцијали. ам/цр

Остани поврзан