• петок, 26 јули 2024

Отворена реконструираната спортска сала „Наум Наумовски - Борче“ (Партизан) во Карпош

Отворена реконструираната спортска сала „Наум Наумовски - Борче“ (Партизан) во Карпош

Скопје, 29 декември 2023 (МИА) - Спортската сала „Наум Наумовски - Борче”, поранешна сала „Партизан" во Општина Карпош е целосно реконструирана и од денеска е официјално отворена.

Како што посочи премиерот Димитар Ковачевски по денешната посета на салата, истата беше донација на Франција по земјотресот и речиси 20 години претставуваше руина во овој дел од главниот град. Сега таа е реновирана во целост за што беа издвоени над 1,1 милион евра буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт.

Салата ќе започне со употреба веднаш по празниците. 

-Оваа сала од една руина со децении, денес е една од поубавите сали не само во Скопје туку и во државата. Благодарност до градоначалникот на Општина Карпош, но и на поранешниот градоначалник кој што ја започна оваа идеја за реконструкција на салата, а сегашниот градоначалник успешно ја заврши заедно со Агенцијата за спорт и млади. Благодарност и до Меѓународното здружение на граѓани „Културно ехо Скопје“ кои ја иницираа реконструкцијата, Министерството за финансии, администрацијата во Општина Карпош, рече Ковачевски.

Тој изрази благодарност и до архитектите кои го осмислија современиот изглед на салата и на сите други кои се заслужни за модерниот лик на оваа сала која ќе биде на располагање на сите љубители на спортот.

Како што рече, содржините дополнително ќе се збогатат за отворањето на затворениот пливачки базен кој започна да се гради во септември оваа година и е дел од проектот за изградба на 14 пливачки базени во Северна Македонија.

-Базенот ќе биде поврзан исто така и со топла врска со спортската сала за што се издвоени финансиски средства од Владата во висина од 760 илјади евра, преку Агенцијата за млади и спорт, додаде Ковачевски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски во своето обраќање за време на посетата на салата, рече дека „Партизан“ е многу повеќе од само спортски објект, туку е идентитет, припадност, со која се идентификуваат карпошани, но и цело Скопје. Како што рече, од самиот почеток внимателно се работело на секој дел од објектот и напомена дека Агенцијата и понатаму ќе дава силна поддршка во насока на подобрување на условите во областа на спортот.

-Оваа година ја завршуваме со заокружување на целосно функционални големи проекти кои се од клучно значење за спортот, но и за сите граѓани. Денес гледаме како во полн сјај на карпошани им се враќа еден култен објект. Како Агенција за млади и спорт, со поддршка од Владата, целосно сме посветени на изградба на спортски објекти, од кои некои биле и поим за спортски настани и спортски активности. Спортот, физичката активност е многу важна во развојот на еден човек. Да се обезбедат услови за спортисти е должност која ние ја исполнуваме и така ќе продолжиме, рече Мојсовски.

Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски изрази благодарност и до пратениците, до советниците на Општина Карпош и од претходниот и од овој состав.

-Овој објект е симбол на заедништвото, но во изминативе 20 години тој беше симбол на нашите погрешни одлуки во кои што во спортски објекти влегоа погрешни луѓе и го запреа животот, младоста, спортувањето во овој објект. Се надевам дека од оваа сала ќе излегуваат европски и светски прваци, рече Јакимовски за време на посетата на салата.

На новинарско прашање како ќе функционира салата во иднина, дали ќе биде дадена на приватна сопственост или на Општината, Јакимовски рече дека за тоа ќе одлучат заедно со Советот на Општина Карпош.

-За ова не е одлучено уште. Не сме ја добиле на управување. Ќе одлучиме заедно, ќе направиме така како што ќе биде најдобро за граѓаните. Во однос на греењето, салата ќе биде поврзана со градското парно, а ние ќе настојуваме обејктот натаму да го наравиме и енергетски ефикасен, рече Јакимовски. бт/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан