• петок, 08 ноември 2024

Османи повика на лидерство во регионот на ОБСЕ во борбата против трговијата со луѓе

Османи повика на лидерство во регионот на ОБСЕ во борбата против трговијата со луѓе

Скопје, 18 април 2023 (МИА) - Системскиот пристап во борбата против трговијата со луѓе и посветеноста да се стави крај на модерното ропство се главните обележја на ОБСЕ и оваа Организација е ориентирана кон акција и решенија што можеме заеднички да ги постигнеме, истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи, кој преку видео обраќање ја отвори 23-та Конференција на Алијансата за борба против трговијата со луѓе насловена „Национално лидерство за ставање крај на трговијата со луѓе“ што денеска и утре се одржува во Виена.

Како што се наведува во соопштението од МНР, Османи нагласи дека темата на Конференцијата е навремена и сериозна, особено имајќи ја предвид руската агресија врз Украина и нуспроизводите од неа што се чувствуваат во целиот регион на ОБСЕ.

-Тежината на моментот, сериозноста на нашето време, повикува на одговорност, трпение и мудрост, три витални карактеристики на лидерство. Како Претседателство, ќе продолжиме да промовираме лидерство преку инклузивност и вклучување на сите актери од различни спектри на општеството. Збир на различни пристапи само ќе го зајакне нашиот механизам за одговор, ќе придонесе за добро, одговорно владеење и севкупен општествен напредок, рече Османи во своето обраќање. 

За да го постигнеме тоа, покрај лидерство, потребна ни е и политичка волја, потенцираше Османи. Тој го повтори мотото на Претседателството на Северна Македонија „За луѓето се работи“ и зошто заедничките акции мора во фокусот да ги имаат луѓето што се најпогодени од ова зло.

-Трговијата со луѓе е прашање на безбедноста на луѓето. Државите имаат должност да се грижат за жртвите и потенцијалните жртви на ова кривично дело. Не само во овие два дена, туку и во сите наши напори за борба против трговијата со луѓе, секогаш да ги имаме на ум луѓето. Мора да ги слушнеме нивните гласови и грижи, нивните надежи и стравови. Мора да ставиме човечки лик на сите наши документи, зборови и дела, рече Османи.

Османи во своето обраќање се осврна и на мерките што Северна Македонија ги има преземено, како усвојувањето на Националната стратегија и Акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025, како и Стратегија и Акционен план за борба против трговија со деца 2021-2025.

-Овие документи гарантираат дека сите наши национални институции се хармонизирани и постапуваат навремено во нивниот одговор и се вклопуваат во севкупната стратешка визија, рече Османи.

Министерот за надворешни работи додаде дека она за што ни е потребна поддршка е зајакнување на напорите за откривање, гонење и процесирање на луѓето што вршат трговија со луѓе, за што можеме да учиме од земјите-учеснички на ОБСЕ.

-ОБСЕ преку својот Специјален претставник и координатор за борба против трговијата со луѓе, Валиант Ричи и неговиот тим, дадоа извонреден придонес во борбата против трговијата со луѓе и успеаја да го подигнат профилот на работата на ОБСЕ на високо ниво, рече Османи.

Конференцијата се организира на 20-годишнината од донесувањето на Акцискиот план на ОБСЕ. Дискусијата има за цел да ги истакне позитивните примери на лидерство против трговијата со луѓе во регионот на ОБСЕ, вклучително и преку опремување на државите со потребните структури и закони за ефикасна борба против овој вид на криминална активност.

Препораките од Конференцијата, пак, ќе бидат потврда за посветеноста за искоренување на трговијата со луѓе и патоказ за спроведување на Акцискиот план на ОБСЕ во следните 20 години. ев/цр

Видео-обраќање на Османи на следниот линкhttps://we.tl/t-twxPJmq8cy

ФОТО: МНР 

 

 

Остани поврзан