• петок, 08 ноември 2024

Општината Кисела Вода чисти огромна депонија во местото Бара

Општината Кисела Вода чисти огромна депонија во местото Бара

Скопје, 1 февруари 2024 (МИА) – Општината Кисела Вода денеска почна чистење на дива депонија во местото наречено Бара. Од општината очекуваат денеска и утре да завршат со расчистувањето на депонијата.

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски уште еднаш апелираше до граѓаните за совест и почитување на Законот за јавна чистота и потенцираше дека Општината ќе продолжи со посветена и ангажирана работа во насока на остварување на мисијата за чиста и зелена општина.

- Денеска чистиме огромна дива депонија на местото наречено Бара, која е настаната како резултат на неодговорно однесување и негрижа кон животната средина. Ќе се работи цел ден, а доколку има потреба и во текот на утрешниот, до конечно расчистување. Црни точки на мапата нема да дозволиме и нема да има толеранција кон никого. Почитувани, силно апелирам да бидеме поодговорни и да ја почитуваме животната средина во која живееме, нашиот дом. Загадувањето на средината во којашто живееме носи последици по здравјето за сите подеднакво, вклучително и за оние кои загадуваат, истакна Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека неговата мисија е чиста, модерна и зелена Кисела Вода и, како што рече, нема да дозволиме никој да застане на патот кон таа цел.

Од локалната самоуправа посочуваат дека во изминатите две години Општина Кисела Вода преку своите ангажирани ресурси и конкретни теренски активности исчисти повеќе од 70 поголеми и средни диви депонии.

- Многу од нив се претворени во паркови и спортско рекреативни центри, како и во паркинзи. Ваквите акции ќе продолжат со засилена динамика и се надеваме дека и граѓаните преку совесно однесување ќе помогнат во остварување на оваа значајна мисија. Воедно, сакаме да информираме дека во периодот што следи ќе има засилени инспекциски контроли во насока на доследно спроведување на Законот за јавна чистота, велат од општината. ир/дма/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан