Опозициски политичари го блокираа влезот во зградата на полициската управа во Нови Сад, полицијата грубо ги оттурна (ДПЛ)
Нови Сад, 12 декември 2024 (МИА) - Дел од опозицијата во Нови Сад се обиде да ја блокира денеска зградата на Полициската управа во тој град, барајќи кривично гонење на полицајците кои го претепаа седумдесет и четиригодишниот Илија Костиќ, кој беше уапсен за време на една од блокадите на судот и обвинителството во тој град.
Костиќ беше приведен на 21 ноември за време на блокадата, под сомнение дека ги попречувал полициските службеници во нивната работа. После тоа тој бил тешко повреден и итно бил опериран при што му бил изваден дел од телото.
Полициски службеници излегоа пред зградата на Полициската управа и побараа од насобраните претставници на опозициските политички партии и движења да си заминат, по што полицијата насилно ја оттурна толпата која извикувала „Убијци“ и „Крвави дневници“.
Пред зградата на Полициската управа во Нови Сад рано изутрината беа распоредени полицајци со опрема за разбивање демонстрации. Поставени се и метални заштитни огради.
Три недели по апсењето на Костиќ, обединетите претставници на опозициските партии во Нови Сад побараа вчера средба со шефот на новосадската полиција, Горан Радоњиќ. Новосадската полиција соопшти дека таква можност не постои додека трае истрагата.
Полицијата напоменува дека истрагата „е во исклучива надлежност на Основното јавно обвинителство и Секторот за внатрешна контрола на МВР“.
Додаваат и дека Полициската управа во Нови Сад е „апсолутно заинтересирана за темелна, објективна и ефикасна истрага на споменатиот случај и за таа цел ги ставила на располагање сите потребни информации и ресурси на надлежното јавно обвинителство“.
Претходно опозицијата најави дека доаѓаат на средбата да го прашаат началникот на полицијата „како е можно човек да се степа среде полициска станица и пред тројца полицајци како сведоци, а во секој ходник има камери покажувајќи кој го донел и кој го однел и каде и дека по 21 ден не може да се утврди кој го направил тоа“.
Сметаат дека „поминало повеќе од доволно време за да се утврди кој од петмината присутни, од кои тројца биле во униформа, а двајца во цивилна облека, го претепале старецот“ и потсетуваат дека ниту еден од полицајците не бил привремено суспендиран. зш/
фото Принтскрин