• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
2 април 2020 (МИА)  Цркви и манастири во Македонија Плаќе 1. Црква Св. Илија. На едно возвишение, на југозападниот дел, надвор од селото се наоѓа црква посветена на пророкот и громовник Св. Илија. Црквата е градена како еднокорабно здание, од кршен камен и делкан бигор, а апсидата е полукружна. Некогаш била покриена со камени плочи. Според кажувањето на постарите жители материјалот за изградба бил носен од местото Сопот – плаќенски синор. Црквата Свети Илија е изградена на многу постаро култно место. Пред самата црква, на запад, се распознаваат остатоци од градба, а во дворното место има и стари средновековни гробни конструкции. На северната страна е изградена трпезарија. Во внатрешноста на црквата од постариот живопис се останати само ликовите во олтарниот простор и споредните ниши. На иконостасот се наоѓаат четири престолни икони, на кои е регистрирана и испишана 1872 година. Од тоа се заклучува дека црквата Св. Илија е изградена во средината на 19 век. Во олтарната апсида се наоѓаат три натписи, едниот на црковнословенски, и тоа бордурите што ги дели Св. Богородица со Причестувањето на апостолите, а гласи: Ислика се боженски и пресвети храм госпоѓо наша Богородица Другите два натписа кои се со грчко писмо, се испишани над самата чесна трпеза: 1. Сети се, спомени ги, Господ, е своите раба Петар свештеникот и неговиот син; 2. Сети се, Господе, на своите раба Серафим и неговиот син. На северната врата од иконостасот е насликан Архангел Михаил, а на Царските Двери пророците Давид и Соломон. 2. Свет локалитет. Пред самото село Плаќе, десно од патот што води кон селото, се наоѓаат повеќе стари дабови дрвја. Жителите на ова село ни кажуваа дека на еден од најголемите и најстари дабови се вршат обреди – литии на летен Св. Никола. 3. Локалитет Св. Недела. Локалитетот посветен на маченицата Недела се наоѓа на околу 1 км. јужно од селото Плаќе. Таму се наоѓаат остатоци на средновековна црква. Околниот простор е обраснат со многубројни многулетни дабови дрвја. Освен остатоци од црква, има и разурнати ѕидови во правец североисток-југозапад. Јужно од локалитетот Св. Недела на околу педесетина метри се гледаат расфрлени грамади на камења што не тераат на заклучок дека на овој локалитет постоеле и други придружни објекти, а и самата местоположба. Тоа е една висока зарамнина, од која се отвора извонредна глетка кон околината. Според кажувањето на жителите од село Плаќе, на ова место некогаш се наоѓала црква посветена на великомаченицата Св. Недела. 4. Црква Св. Недела. Северно од овој локалитет, на околу стотина метри, на 11 јуни 2000 година се постави камен-темелник за изградба на нова црква посветена на Св. Недела. Денес црквата е целосно изградена. Таа е еднокорабна, градена од бигор, со полукружна апсида на источната страна. Рамне 1. Црква Св. Илија. Според натписот што се наоѓа зад влезната врата, црквата Св. Илија е изградена во 1907 година. При изградбата е употребен кршен камен, а вратата, прозорците и венецот од делкан бигор, како и апсидата, која е полукружна и со седум слепи ниши. Во средината на прозорецот е изделкан крст. Тоа е еднокорабно здание, со галерија на кат и купола поставена на четири пандантифи на кои се насликани четирите евангелисти: Матеја, Марко, Лука и Јован. Има два влеза. На западната железна врата има натпис: 10 декември 1907 г. и е запишан Митан С... Од тоа заклучуваме дека овде се работи, можеби за еден од главните мајстори или, пак за ктиторот на црквата. Од натписот испишан во внатрешноста се дознава дека црквата Св. Илија е живописана со голема помош и желба на благочестивиот народ на селото Рамне во 1944 година од страна на Рафаил Крстев и син му Крсте од с. Лазорополе при црковното настојништво, свештеник Фоти Масинов од Охрид и Илија С. Велјанов и Нове Христов од с. Рамне. На јужната страна на црквата е изградена трпезарија на чиј северен ѕид е следниот натпис: Со Божји благослов во периодот од 1894 до 1995 година со помош на селаните од с. Рамне и црковниот одбор: Трајчески К. Тоде, Велјаноски Н. Петре, Плевнароски Г. Павле, Неданоски Д. Јордан, Лекоски У. Никола, Велјаноски С. Стојан се изгради: трпезаријата, камбанаријата и кровот на црквата Св. Илија во с. Рамне. 2. Локалитет Св. Врачи. Локалитетот посветен на светите врачи Кузман и Дамјан се наоѓа во југоисточниот дел од селото односно на местото на новоизграденото училиште. При изградбата биле откриени средновековни гробови, како и основата на црквата што била посветена на Светите Кузман и Дамјан. На овој локалитет се забележуваат остатоци од камења, а од источната страна на училиштето и повеќе надгробни плочи што се наоѓаат на самата површина. Местото изобилува со стари дабови дрвја. 3. Локалитет Кумбаровци. Се наоѓа при самиот влез на селото Рамне, во дворниот простор на куќата на Кумбаровци. Кога ги граделе куќите, биле откриени повеќе гробови и дел од основата на црквата. 4. Локалитетот Св. Варвара. Локалитетот се наоѓа западно од селото, во Рамненското Поле, во бавчата на семејството Чипоини. Според преданието тука се наоѓала црква посветена на великомаченицата Св. Варвара. Некогаш на површината се препознавале стари гробови. 5. Локалитет Манастир. Овој многу значаен локалитет се наоѓа на околу 200 метри југоисточчно од последната куќа на селото Рамне. Тоа е еден зарамнет рид на кој денес се гледаат остатоци од основа на поголем сакрален објект – црква со димензии: 25 х 15 м. На површината се среќаваат голем број фрагменти од керамички садови и друг градежен материјал што укажува дека средновековната црква била подигната над темелите на ранохристијанска базилика. Источно од објектот се откриени гробови градени од камени плочи со ориентација исток – запад. Според кажувањето на постарите жители од селото Рамне, како и од научната литература, на ова место би требало да се наоѓа манастирот во кој, во почетокот на 13 век бил напишан Рамненскиот псалтир кој денес се наоѓа во Италија во градот Болоња и погрешно се нарекува Болоњски псалтир. 6. Црква Св. Атанасиј. Еден километар северно од селото Рамне во подножјето на Рамненските лозја е изградена црквата Св. Атанасиј. Од натписот дознаваме дека црквата била градена во периодот од 1967 до 2000 година со Божја помош на селаните од с. Рамне. Градител Ристески Симон, а фрескоживописот е на Ристески Марјан од с. Велгошти. При копање на темелите за новата црква, биле откриени темели на постара црква. Во непосредна близина на црквата од нејзината источна страна има остатоци на основа на ѕид од 0,80 м. што најверојатно припаѓал на постарата црква. Новата црква е еднокорабна, градена со обработен камен, а денес фугирана, со полукружна апсида на источната страна. Интересна е нејзината архитектура, бидејќи големината на апсидата е скоро идентична со целокупниот простор на наосот во црквата. Во внатрешноста на црквата извира лекојта вода. Од југоисточната страна на црквата е изградена трпезарија. Од книгата „Христијански храмови и свети места во Охридско“ од Гоце Ангеличин – Жура, Охрид 2007. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан