• вторник, 24 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
25 април 2020 (МИА) За некои Мијачки печалбарски обичаи посебно од Галичник  Кај Галичаните и посебно кај Мијаците постојат бројни обичаи (и обичајни права) сврзани со печалбарството. Тие се почитувале како неприкосновени и важечки животно нормативи и претставуваат мошне драгоцени извори за осветлување на печалбарството како социјална и стопанска појава, истовремено се и важни елементи за етнопсхологијата на Мијаците. (...) Тргнувањето на печалба претставувало голем настан за секое мијачко село. Тоа се објавувало со пукање на пушки во Галичник, а во с. Гари со чукање на селските камбани. На пат се тргнувало обично во понеделник или среда, најдоцна две недели по Крстовден за разлика од ќаите кои ги напуштале селата на Крстовден. Храната за пат (потнината) се подготвувала уште во саботата. Изутрината пред тргнувањето на печалбарот, пред неговата куќа се поставувала софра за појадок, на која се поканувале најблиските роднини. (Во селото Гари при одењето на печалбарите пред нивните куќни прагови се палела слама, а преку огнот се фрлало жито. Водата се истурала на тој начин што печалбарот го турнувал садот со нога, а жената го попрскувала со останата вода. На печалбарот му се давал дренов стап за да биде здрав како дрен.) Во тоа време некое девојче од роднините или комшиите (девојчето морало да има живи родители) се испраќало на чешма за вода. Се полнеле толку букариња вода колку што печалбари се испраќале од куќата. Дури одело по вода девојчето не зборувало ништо. Донесената вода се викала м’лчена вода, (М’лчена вода – од тргнувањето по водата до чешмата и враќањето со неа не смее да се проговори со никого. (Панајот Гиновски во својот зборник оваа вода ја вика црпена м’лчејќи. Со овој обичај се среќаваме и во свадбените обичаи.) До донесените букариња се ставало откорнато парче земја со трева и една пара. Кога заминувал печалбарот ја згазувал тревата, ја земал парата, а бусенот потоа се ставал пред домашната икона. Кога  групата печалбари ќе тргнела од Галичник на пат, нивните роднини и пријатели ги испраќале до одредено место, оддалечено од селото до два часа одење. Во Галичник ова место се викало пладновишче во Гари, пак разделишче. По правило тука се приредувал заеднички ручек. Секое семејство ќе се издвоело, ќе постелеле мутавче и ќе ручале. Се јадел комат со ориз, специјално приготвен за испраќањето. За време на ручекот се благословувало: Ај да ни е среќно! Добар пот! Добро видение! Аирлија да ни е праќањето, и др. Пред разделбата ја пееле песната: Жали моме, да жалиме, еј моме, како ќе се разделиме, еј моме. По разделбата, на враќањето в село,  испраќачите праќалените береле кукурек и шума, за да биле печалбарите здрави како кукурек и да се врателе од печалба како шумата и тревата во пролетта. Доаѓајќи дома од насобраните билки ставале запотки на вратите (За здравоживо како шумана што никнет.) Вечерта домашните вареле бакрдан. Интересно е да се одбележи дека некои од печалбарите (тие морале секогаш да јаваат коњи) брзале да се вратат дома, престигнувајќи ги своите домашни. Всушност овие повратници, повраќалени – сакале уште една ноќ да преспијат дома. Во прашање биле обично помлади луѓе. Вечерта дома за нив пржеле тиганици. В зори повраќалените брзале да ја настигнат својата група печалбари на нивниот прв или втор конак. На патот до крајното место на своето патување, печалбарите ноќевале под отворено небо, обично на одредени, познати места што ги викале конаци. Својот пат го мереле со нив. Така патувањето со коњски каравани до Белград траело 12 конаци, а до Букурешт 14 конаци.  Инаку секоја печалбарска група имала свој старешина – мајстор или устабашија. Тој погодувал за одредена работа онолку луѓе колку што му било потребно и тие биле наполно зависни од него. Спогодбата се склучувала од Крстовден или Митровден до Ѓурѓовден или Петровден за утврден паричен износ. Секоја печалбарска група на своите конаци обично го ангажирала старешината од соседното село да ги чува до одењето, зашто печалбарите често биле напаѓани и ограбувани, а немале можност за одбрана. При напад се спасувале со бегство, а на загинатите печалбари групата им  подигала споменик на тој начин што на местото каде што печалбарот бил отепан, се правел куп камења – грмада. Секој Мијак што поминувал покрај тоа место фрлал на купот по еден камен, за да му тежел на убиецот. На печалба заедно со возрасните луѓе се испраќале и деца, почнувајќи од нивната десетта година. На одење домашните на децата им нижеле низалки од костени, суво грозје и јаболка. Децата ги викале први солунчиња. Ги облекувале во нова облека. Децата работеле обично како слугинчиња во поимотни турски, грчки или еврејски семејства. На ваква работа „главување на кадана“ тие останувале по неколку години, дури да го научеле јазикот и „да коснеле туѓ леб, за да го поштуват својот.“ Очигледно е дека речиси сите наброени обичаи сврзани со тргнувањето на печалбарите на пат, имаат строго одредена смисла и симболика и со нив треба да се постигнат одредени цели, да се обезбеди среќен пат и добра заработувачка на  печалбарите во туѓина како и  нивното среќно враќање дома. Лепопсава Спировска, За некои мијачки печалбарски обичаи посебно од Галичник, во книгата Бигорски научно-културни собири, Прв научен собир, Гостивар 22-23 октомври 1971. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан