• четврток, 22 август 2024

НУ Музеј Куманово заврши со дел од проектот „Хеленистичкиот период во кумановско – влијанието од егејските македонски центри“

НУ Музеј Куманово заврши со дел од проектот „Хеленистичкиот период во кумановско – влијанието од егејските македонски центри“

Куманово, 22 август 2024 (МИА) - Археолозите од кумановскиот Музеј завршија со дел од проектот „Хеленистичкиот период во кумановско – влијанието од егејските македонски центри“, информираа денеска надлежните од установата. Археологот од кумановскиот музеј, раководителот на проектот Дејан Ѓорѓиевски оствари еднонеделна студиска посета на локалитети значајни македонски центри на егејскиот брег.

-Тие важеле за најразвиени градови од периодот после смртта на Александар III Македонски, Пела, Вергина, Олинт, Пидна и Дион, заедно со новоотворените музеи и локации. Главна цел беше запознавањето и компарацијата на движниот и недвижниот материјал, која ќе се користи при обработката на податоците кои се добиени со истражувањата на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане. Како напомена, на врвот на локалитетот е откриена градба која веројатно имала улога на палата, а која во голема мера го следи планот на богатите македонски куќи од хеленистичкиот период (4-2 в. пр. н.е.), како во основата, така и во внатрешната декорација. Она што е карактеристично за дел од богатите куќи од Пела е токму полихрониот боен малтер, којшто е најден и на нашиот локалитет во неколку простории од палатата, и со тоа претставува најсеверна точка на негова употреба во посочениот период. За време на посетата, увидовме и други сличности, како преку движниот материјал (резултат од развиената трговија), така и преку очигледниот трансфер на знаења од југ кон север. Останува за натаму да се протолкува начинот на кој е вршен овој трансфер, односно дали тој е резултат на македонските освојувања кон север, дарданските освојувања кон југ, или се работи за проток на луѓе како резултат на трговските врски, изјави Ѓорѓиевски.

Заедно со колегите од Грција и Србија во наредниот период хронолошки и културолошки ќе се определува локалитетот преку меѓународната соработка која ќе се одвива во неколку фази. Во наредниот период ќе се подтови заеднички материјал за публицирање, а во контекст на понатамошното заедничко претставување, археолозите од земјите ќе аплицираат за подготовки на виртуелни изложби и дигитализација на ископаниот материјал. ам/сст/


Фото: НУ Музеј

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан