• вторник, 01 октомври 2024

Николоски: Потребни се мерки за стабилизација и намалување на дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување

Николоски: Потребни се мерки за стабилизација и намалување на дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување

Прилеп, 1 октомври 2024 (МИА) - Добро е зголемувањето на пензиите, но мора да се спроведат мерки за стабилизација на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување чиј дефицит ќе расте наредните години и ќе се надополнува од централниот буџет, предупредува Димитар Николоски, професор по пазар на трудот при прилепскиот Економски факултет, анализирајќи ги состојбите со зголемувањето на пензиите од 5000 денари.

-Буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување низа години бележи дефицит кој се покрива од централниот буџет.  Дефицитот очекуваме да расте во наредните години, со оглед на предвиденото линерано зголемување на пензиите, овој месец и во март наредната година. Секако дека тоа негативно се одразува и на долгорочната одржливост на приходите на Фондот, бидејќи, на некој начин, се зголемува самиот дефицит и е потребно преземање соодветни мерки со цел тој дефицит, на некој начин, да биде стабилен во идниот временски период, вели Николоски.

Постојат повеќе начини со кои би можело тоа да се превенира. Еден од нив е зголемувањето на границата за пензионирање, бидејќи тоа е една од мерките кон која прибегнаа поголемиот број земји од ЕУ. Но, кај нас, во Македонија, смета Николоски, сѐ уште постојат други неискористени потенцијали со кои може да се интервенира за да се подобри ликвидноста на Пензискиот фонд., а меѓу нив се активацијата на пазарот на трудот со што Македонија е на самото дно и формализирање на неформалната економија.

-Македонија е една од земјите во Европа која има најниска стапка на активност и постои широк простор за примена на таканаречени активациски мерки со кои би се активирал таканаречениот „заспан трудов потенцијал“, пред сѐ, од редот на таканаречените ранливи категории на население. Од друга страна, како земја во развој се соочуваме со релативно висока стапка на неформална економија и зголемувањето на формалната вработеност би можело да дојде преку дополнителни мерки за формализација на неформалните бизниси со што би се проширила основата за прибирање приходи во самиот Фонд за пенсиско и инвалидско осигурување и на тој начин да се зголеми неговата одржливост на еден подолг временски период, анализира Николоски.

Николоски потенцира дека за стабилизирањето на Фондот не се доволни проекциите за 2025 година со 7,5 проценти поголеми плати и 3,2 насто со зголемени вработувања.

-Тоа не е доволно за да се обезбеди една целосна ликвидност на самиот Фонд, така што еден извесен процент од околу 28 насто од приходите се предвидени да се надополнат од централниот буџет, изјави Димитар Николоски, професор на прилепскиот Економски факултет и експерт за пазарот на трудот.ем/са/

Фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан