• среда, 02 октомври 2024

Во Охрид стручен состанок посветен на имунизацијата со деветвалентната ХПВ вакцина

Во Охрид стручен состанок посветен на имунизацијата со деветвалентната ХПВ вакцина

Охрид, 1 октомври 2024 (МИА) – Во организација на Центарот за семејна медицина при Медицински факултет во Скопје во соработка со Комисија за имунизација при Министерство за здравство, денеска во Охрид се одржа стручен состанок посветен на имунизацијата на младите со деветвалентната ХПВ вакцина и нејзино впишување во редовниот вакцинален календар.

На стручниот собир пред учесниците меѓу кои професори по медицина, матични лекари, педијатри и гинеколози беше претставено се она што е последно и најново содржана во анализите и извештаите од имунизацијата на младата популација во светот со посочената деветвалентна вакцина.

Како што посочи проф. Катарина Ставриќ, шеф на Катедра за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, она што е ново е што со имунизацијата ќе можат да бидат опфатени не само девојчињата, туку и момчињата од деветгодишна возраст и повозрасни.

- Оваа вакцина според препораките на Светската здравтвена организација се воведува уште пред 15 години. Целта е истата да се воведе што порано, пред децата да бидат сексуално активни, не само заради тоа што се примаат две дози туку оттаму што после примањето на втората доза е потребна најмалку една година за да се создаде солиден имунолошки одговор што ќе го заштити адолесцентот од инфекција, рече таа.

За денешниот состанок беше истакнато дека истиот се одржува токму поради определени дилеми што се појавија кај граѓаните после ковид-имунизацијата, со цел стручните лица и здравствените работници да се споделат најновите информации и да можат тие со научни докази да комуницираат со родителите на децата во врска со имунизацијата.

Ставриќ посочи дека сите спроведени студии покажуваат на речини стопорцентна ефикасност на деветвалентната ХПВ вакцина во спречувањето на појавата на карцином на грлото на матката.

- Во земјите каде оваа вакцина е воведена многу одамна, и кај девојчиња и кај момчиња, карциномот на матка преваленцата е многу намалена, благодарение токму на вакцинизацијата, рече таа.

Ирена Алексиоска – Папeстиев, универзитетски професор на Медицинскиот факултет во Скопје и директор на Универзитетскта клиника за гинекологија и акушерство, истакна дека од клинички аспект праксата покажува дека се поголем број пациенти односно девојчиња има со преинвазивни лезии на грлото на матката, и тоа за жал на се помала возраст.

За безбедноста на вакцината таа нагласи дека спроведените испитувања после дадени 252 милиони дози на млади од девет до 26-годишна возраст укажуваат на многу мал број несакани ефекти, само 56 случаи на благи несакани на сто илјади дози.

Говорејќи за позитивните аспекти на имунизацијата со деветвалентната ХПВ вакцина, Алексиоска – Папестиев нагласи дека од голема важност е вакцинирањето да се проведе кај млади лица, дури и пред тие да имаат сексуален контакт.

- Самиот организам дава најдобриот имунолошки одговор. Бројни трудови покажуваат дека колку е помлад организмот, толку подобар имунолошки одговор се добива. Многу е подобро вакцината да се земе во моментот кога организмот нема инфекција...дотолку повеќе што  инфекција може да се добие и од првиот сексуален партнер, како и дека во последно време дека инфекции има и кај девојчињата што воопшто немале сексуални односи, рече таа.

Како што беше истакнато на состанокот, со имунизација со деветвалентната ХПВ вакцина од 2014 година во светот се опфатени 252 милиони млади лица. Вакцината е полово неутрална односно можат да ја примаат и девојчињата и момчињата, можат да влезат во календарот за вакцинација и истата да ја примат бесплатно. aб/аа/

фото/МИА


  

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан