Нигерија примена во БРИКС како земја партнер
- Нигерија е примена во групата на економии во развој БРИКС како „земја партнер“, објави Бразил, кој претседава со групата.
Абуџа, 18 јануари 2025 (МИА) - Нигерија е примена во групата на економии во развој БРИКС како „земја партнер“, објави Бразил, кој претседава со групата.
Нигерија е деветта земја партнер на БРИКС, приклучувајќи им се на Белорусија, Боливија, Куба, Казахстан, Малезија, Тајланд, Уганда и Узбекистан.
-Со шестото по големина население во светот и најголемото во Африка, како и со една од најголемите економии на континентот, Нигерија споделува слични интереси со другите членки на БРИКС, се вели во соопштението на бразилската влада.
БРИКС беше формиран од Бразил, Русија, Индија и Кина во 2009 година како противтежа на Групата седум водечки индустријализирани земји, а Јужна Африка беше додадена во 2010 година.
Минатата година беа примени Иран, Египет, Етиопија и Обединетите Арапски Емирати.
Саудиска Арабија е поканета да се приклучи. Турција, Азербејџан и Малезија официјално аплицираа за членство, а интерес пројавија уште неколку.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп минатата година се закани со 100 отсто царини против БРИКС доколку тие го поткопаат американскиот долар, бидејќи лидерите на блокот се за воведување алтернативен систем за плаќање што нема да зависи од доларот. мс/
фото: МИА архива