• петок, 31 јануари 2025

Нетанјаху со критики за „шокантните сцени“ за време на предавањето на заложниците

Нетанјаху со  критики за „шокантните сцени“ за време на предавањето на заложниците

Тел Авив, 30 јануари 2025 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди одложување на планираното ослободување на палестинските затвореници сè додека не се обезбеди безбедно напуштање на израелските заложници од Газа во наредните денови, соопшти неговиот кабинет.

Според договорот кој доведе до прекин на борбите во Газа, денеска требаше да бидат ослободени 110 палестински затвореници.

Израелски функционер вклучен во операцијата изјави дека автобусите со затворениците добиле наредба да се вратат во затворите поради хаотичната размена на израелските заложници.

Видео-снимки од ослободувањето на 29-годишната Арбел Јехуд покажуваат како таа видно исплашена додека ја придружуваат маскирани припадници на Исламски џихад и Хамас низ толпата во Газа. Во Тел Авив, пак, кадри од „плоштадот на заложниците“ покажуваат како младата жена се обидува да ја задржи присебноста.

Нетанјаху жестоко ги критикуваше, како што рече, „шокантните сцени“ за време на предавањето на седум заложници, меѓу кои и двајца Израелци.

- Со голема сериозност гледам на шокантните сцени при ослободувањето на нашите заложници. Ова е дополнителен доказ за незамисливата суровост на терористичката организација Хамас, рече Нетанјаху, откако на телевизиските снимки беа прикажани вооружени поединци кои се борат да контролираат стотици собрани жители на Газа кои беа сведоци на предавањето.

- Барам посредниците да се погрижат таквите ужасни сцени да не се повторат и да ја гарантираат безбедноста на нашите заложници, додаде Нетанјаху. -Секој што ќе се осмели да им наштети на нашите заложници ќе ја плати цената, порача израелскиот премиер.

Хаос избувна во градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа, кога седум заложници беа донесени на предавање додека стотици луѓе се собраа за да бидат сведоци на настанот.

Примопредавањето се случи во близина на сега уништената родна куќа на убиениот лидер на Хамас Јахја Синвар. ссм/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан