• недела, 19 април 2026

Руски дрон погоди цивилен товарен брод во Одеса

Руски дрон погоди цивилен товарен брод во Одеса

Киев, 16 април 2026 (МИА) - Русија синоќа изврши најсмртоносен напад врз Украина од почетокот на годината, при што вкупно загинаа 16 луѓе, а повредени се десетици лица.

Во Одеса денеска е прогласен ден на жалост поради загинувањето девет луѓе.

Во синоќешните напади руски дрон погодил цивилен товарен брод што пловел под знамето на Науру. По нападот, избувнал пожар во еден од контејнерите, но огнот бил изгаснат од екипажот и го продолжил патувањето. Нема информации за евентуални жртви.

Руските ракети и дронови предизвикале штети на цивилната и на пристанишната инфраструктура во Одеса.

Русија изврши напади и врз Киев, при што загинаа четири лица, и врз Днепропетровската област, при што се убиени тројца.

Украинската армија соопшти дека во изминатите 24 часа соборила или неутрализирала 31 проектил и 636 беспилотни летала, а 12 ракети и 20 дрона ги погодиле целите.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ги осуди синоќешните руски напади врз Украина и ја повика Москва да престане да го тероризира цивилното население.

- Синоќа, Русија почна нов брутален напад врз мирни граѓани во Украина. Воената агресија што ја спроведе Русија против Украина не успеа и затоа таа избира намерно да ги тероризира мирните граѓани - наведе Кошта. ми/јт/

фото: ЕПА

Остани поврзан