Мицкоски: СДСМ живее во свет на лаги и конструкции, реалноста ги демантира
- СДСМ изминатиот период, најблаго кажано, живее според онаа читанката „Алиса во земјата на чудата“. Јас повеќе тоа би го класифицирал како „СДСМ во земјата на лагите и конструкциите“, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата на СДСМ и најавите за ревизија на парите дадени од Унгарија за телекомуникации, енергија и медиуми.
Скопје, 14 април 2026 (МИА) - СДСМ изминатиот период, најблаго кажано, живее според „Алиса во земјата на чудата“. Јас повеќе тоа би го класифицирал како „СДСМ во земјата на лагите и конструкциите“ - истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата на СДСМ и најавите за ревизија на парите дадени од Унгарија за телекомуникации, енергетика и медиуми.
Тој потсети на изјавите на СДСМ изминатата година, во кои тврдеа дека државата ќе банкротира и оти во април ќе дошле мигранти.
- Не банкротиравме. Напротив, ја завршивме со еден од најдобрите пет економски резултати во Европа според раст на бруто-домашниот производ. Потоа ја лажеа јавноста дека во април ќе дошле мигранти, еве во средина на април сме - мигранти јас не видов сè уште во Македонија, истакна Мицскоски.
За тврдењата на СДСМ дека државата ќе банкротира, премиерот посочи дека пензионерите и вработените кои што добиваат плата од Владата на 1 април добиле повисока плата и за првпат се постигнаа историски договори со синдикатите УПОЗ и САДУ за вработените во државната администрација.
- Многу пати до сега СДСМ кажуваше работи кои што вака можеби звучеа интересно за ушите на одредена јавност, но во суштина тоа ништо не се случуваше и немаше апсолутно никаков ефект во рамките на државата. Па така, очекувам и овој пат, слободно они може да си бараат, ќе си добијат се што можат институциите да им дадат како параметар, изјави Мицкоски.
Во однос на обвинувањата за инвестиции во телекомуникациите, тој појасни дека се работи за јавна постапка во која Агенцијата за електронски комуникации објавува повик и на тој повик имаат право да се пријават сите оние кои што се заинтересирани да добијат лиценца за мобилен оператор.
- Компанијата „4иГ“, која што е партнер со германската „Раинметал“ и со „Спејс Икс“ на Елон Муск, уплати веќе 9 милиони евра и се стекна со правото да биде трет мобилен оператор. Вистинското прашање е зошто во времето на СДСМ и ДУИ немаше трет мобилен оператор и зошто во тоа време македонските граѓани плаќаа најскапи цени за мобилните услуги? Тоа е вистинското прашање, а ваква транспарентна постапка можат слободно во било кое време да си побараат до Агенцијата за електронски комуникации. Сигурен сум дека во една таква транспарентна постапка тие ќе им одговорат, а друг тип на унгарски инвестиции, како што споменувате, енергетика и слично, барем јас не сум запознаен, иако ќе бидат добродојдени доколку дојдат и доколку бидат согласно стандардите, законите и Уставот на Македонија, изјави Мицкоски. сс/паг/
Фото: МИА