• понеделник, 20 април 2026

Британија ја нагласи важноста на слободниот поморски сообраќај пред разговорите за безбедноста во Ормуската Теснина

Британија ја нагласи важноста на слободниот поморски сообраќај пред разговорите за безбедноста во Ормуската Теснина

Берлин, 16 април 2026 (МИА) - Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер ја истакна важноста на бесцаринскиот поморски сообраќај пред дискусиите за можна воена мисија за обезбедување на Ормуската Теснина по војната во Иран.

- Монетизирањето на географијата ги поткопува принципот на слободна трговија и меѓународното право - изјави Купер денеска во Берлин за време на заедничкиот настан со германскиот колега Јохан Вадефул.

Купер одговори на иранскиот предлог за наплата на такси за бродовите што транзитираат низ Ормуската Теснина, која се наоѓа меѓу Иран и Оман и е клучна за глобалниот транспорт на нафта и гас.

Иран во голема мера го блокира транзитот низ овој воден пат со напади и закани од почетокот на војната со САД и Израел, со што ги зголеми цените на енергијата. По неуспехот на разговорите меѓу САД и Иран викендот, Вашингтон најави блокада на иранските пристаништа во обид да го спречи Техеран да наплаќа такси од бродските компании и да ги задуши нафтените приходи на земјата.

Неколку европски држави утре во Париз планираат да разговараат за план за обезбедување на меѓународниот поморски сообраќај низ критичниот воден пат по војната во Иран на конференција со која претседаваат Франција и Обединетото Кралство.

Купер рече дека целта на средбата е „да се застапува принципот на слобода на пловидба и да се осигури дека целиот наш политички и дипломатски притисок е насочен кон отворање на Теснината што е можно побргу“. Понатаму, конференцијата сака да се подготви за мултилатерални поморски операции „за да се обезбеди безбедно поминување на бродовите штом ќе заврши конфликтот“, рече таа.

По вчерашните консултации со Купер и францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, Вадефул изјави дека Германија исто така ќе инсистира на целосна слобода на пловидба низ Ормуската Теснина. јт/ми/

Фото: ДПА

Остани поврзан