На 27 март ќе биде промовирана новата Американско Балканска Стопанска Комора
- На 27 март на настан во Њујорк официјално ќе биде одбележан почетокот со работа на Американската Балканска Стопанска комора (ABCC), која ќе биде посветена на јакнење на економските врски и бизнис можностите помеѓу Соединетите Американски Држави и Балканскиот регион.

Њујорк, 25 март 2025 (МИА) - На 27 март на настан во Њујорк официјално ќе биде одбележан почетокот со работа на Американско Балканската Стопанска комора (ABCC), која ќе биде посветена на јакнење на економските врски и бизнис можностите помеѓу Соединетите Американски Држави и Балканскиот регион.
Комората ќе биде клучен мост кој ќе ги поврзува американските компании со Балканот и истовремено ги поддржува балканските компании кои сакаат да го освојат американскиот пазар.
- Основањето на Американската Балканска Стопанска Комора претставува важен чекор во
трансатлантската трговија, изјави г-ѓа Елиза Пренџов, претседател на ABCC.
Како што вели таа, балканскиот регион нуди огромни можности за американските компании, додека пазарот на САД претставува значителен потенцијал за балканските компании.
-Нашата мисија е да помогнеме во оваа соработка и да создадеме долгорочни партнерства, додала Пренџов.
Како што се наведува во соопштението на организацијата, клучните иницијативи на ABCC ќе вклучуваат промоција и олеснување на инвестиции, трговски мисии и бизнис делегации, консултантски услуги за влез на пазарот, мрежни настани и бизнис поврзувања, поддршка за политики и регулаторни насоки, образовни програми за бизнис и промоција на туризам.
Комората започнува со работа со видни и успешни членови од американски и балкански компании, од различни индустрии кои го одразуваат силниот интерес за зајакнување на економските врски помеѓу овие региони.
Инаугуративниот настан ќе се одржи во Њујорк на 27 март 2025 година, на кој ќе има и панел дискусии фокусирани на стратегиите за влез на пазарот и меѓукултурни бизнис практики.
Американската Балканска Стопанска Комора (ABCC) е непрофитна организација која има
за цел да ја промовира трговијата и инвестициите помеѓу Соединетите Американски Држави и
сите земји во Балканскиот регион. Комората ќе работи како поддршка на бизнисите од
стартапи до мултинационални корпорации, обезбедувајќи ресурси и поврзувања за успех
во двата пазара, се посочува во соопштението од организацијата. ев/
ФОТО: Лого АВСС