Озел бара европските лидери да извршат поголем притисок врз Ердоган
- Лидерот на турската опозициска Републиканска народна партија (НРП), Озгур Озел, ги критикуваше европските лидери за недоволниот притисок врз турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, за време на состанокот на лидерите на европските социјалистички партии во Брисел, пренесе веб-страницата „Хуриет Дејли Њуз“.
Брисел, 26 јуни 2025 (МИА) – Лидерот на турската опозициска Републиканска народна партија (НРП), Озгур Озел, ги критикуваше европските лидери за недоволниот притисок врз турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, за време на состанокот на лидерите на европските социјалистички партии во Брисел, пренесе веб-страницата „Хуриет Дејли Њуз“.
Озел истакна дека последните анкети покажуваат пад на поддршката за Ердоган во Турција на 30 отсто и нагласи дека односите меѓу Турција и ЕУ не треба да се сведуваат само на одбраната. - Турција не е само владата на Ердоган. Промената на оваа влада е прашање на време, рече тој, додавајќи дека „Турција е почитуван и рамноправен партнер на Европа“.
- Ќе лажам ако кажам дека Ердоган чувствува и една десетина од притисокот што треба да го почувствува од Европската Унија, изјави Озел.
Синоќа, на демонстрација во истанбулскиот кварт Бујукчекмеџе, тој соопшти дека според последните анкети поддршката за НРП надминува 40 отсто и го предизвика Ердоган да распише избори на 2 ноември, за првпат посочувајќи конкретен датум за можни предвремени претседателски избори.
Редовните претседателски избори во Турција се закажани за мај 2028 година, но НРП и другите опозициски партии во последните месеци инсистираат на предвремени избори. ссм/
фото: ЕПА архива