• вторник, 17 декември 2024
На денешен ден
16 јануари 2020 (МИА) 1547.- Кнезот Иван Четврти, во историјата познат како Иван Грозни, во Москва бил крунисан за руски цар. За време на неговото владеење посебно до израз дошол царскиот апсолутизам и централизацијата на земјата во која дотогаш големо значење имале угледните семејства. 1581.- Англискиот парламент изгласал строги мерки против римокатолиците, зацврстувајќи ја превласта на националната англиканска црква. 1749.- Роден е италијанскиот писател Виторио Алфиери, патриотски поет и драмски писател. Завршил Воена академија во Торино, а потоа пропатува низ повеќе европски држави. Дела: трагедиите „Саул“, „Орест“, „Марија Стјуарт“, „Филип“, „Клеопатра“, Антигона“, автобиографскиот акт „Животот на Виторио Алфиери“. 1778.- Франција ја признала независноста на САД кои водеа ослободителна војна против британското колонијално владеење. Во борбата на страната на Американците учествувале неколку илјади Французи, меѓу кои и маркизот Ла Фаст, еден од најистакнатите воени соработници на Џорџ Вашингтон. Победата на САД и демократското уредување на новата држава имало голем одек во Франција, каде што набрзо доошло до буржоаската револуција. 1794.- Умрел англискиот историчар Едвард Гибон. Во делото „Паѓањето и пропаста на Римското царство“ ја опфатил историјата на Рим и Византија од вториот до 15. век. 1864.- Во настојувањето да ги приграби покраините Шлезвиг и Холштајн, германскиот канцелар Ото фон Бизмарк ја придобил дотогаш непријателска Виена. И двете сили ултимативно побарале од Данска да го укине штотуку изгласениот устав кој ги зацврстил нејзините врски со овие две покраини. Во војната која многу набрзо избила Данците биле поразени, а спорните војводства и припаднале на Прусија. 1902.- Во Велес е роден Тодор Николовски, македонски драмски и филмски актер, режисер, еден од основачите на современото македонско актерство. Умрел во Скопје, на 29 јануари 1999 година. 1920.- Во САД е воведена прохибиција на производството, на точењето и уживањето на алкохолни пијалоци. Оваа мерка не довела до подобрување на општествените прилики, туку, напротив, лавината на корупцијата и на гангстерството добила уште поголем замав. Прохибицијата во 1933 година ја укинал претседателот Франклин Рузвелт, отфрлајќи ја како штетна, утопистичка идеја. 1920.- Во Париз бил одржан првиот состанок на Советот на Друштвото на народите, но без учество на САД, чиј претседател Вудро Вилсон значително придонесол во создавањето на меѓународната организација. Претходно амерканскиот сенат одбил да го ратификува Версајскиот мировен договор склучен по Првата светска војна, со кој Вилсон беше дезавуиран, а САД трајно останаа надвор од Друштвото на народите. 1944.- Американскиот генерал Двајт Ајзенхауер во Втората светска војна бил назначен за главен командант на западните сојузнички сили. Од него истовремено било побарано да го направи планот за отворање на вториот фронт во Западна Европа поради борбите против германските трупи. 1945.- Во Ардени со победа на сојузничките сили под команда на генералот Бернард Монтгомери и Омар Бредли, кои претходно ја приклештиле германската дивизија, бил нанесен огромен пораз на Германците на Западнот фронт, со што бил уништен и последниот обид на Адолф Хитлер да го измени исходот на Втората светска војна. 1957.- Во Њујорк умрел Артуро Тосканини, италијански оперски и симфониски диригент, еден од најпознатите диригенти на сите времиња. Роден е во Парма, на 25 март 1867 година. 1962.- Во САД умрел Иван Мештровиќ, скулптор, еден од најголемите светски уметници. Изработи голем број релјефи, фигури и портрети, како и многу други монументални споменици. Роден е во Врполе, на 15 август 1883 година. 1969.- Во центарот на Прага се самозапалил чешкиот студент Јан Палах во знак на протест поради тоа што силите на Варшавскиот пакт ја окупирале Чехословачка,  во август 1968 година. 1972.- По смртта на кралот Фредерик, Маргарета II била прогласена за данска кралица. 1979.- Реза Пахлави под притисок на исламската теократија која ја презела власта го напушти Иран. 1987.- Шефот на Комунистичката партија на Кина Ху Јаобанг поднесол оставка, прифаќајќи ја вината за политичките грешки кои предизвикале студентски немири, а функцијата генерален секретар ја презел Џао Цијанг. 1991.- Силите предводени од САД во Заливската војна со масовни воздушни удари по воените и индустриските цели во Ирак и Кувајт ја почнале операцијата „Пустинска луња“. 1991.- Во Белград умрел Густав Влахов, првоборец, носител на "Партизанска споменица 1941" и општествено-политички работник. 1996.- Одржано било Основачко собрание на партијата Македонска алијанса. Регистрирана е на 22 март 1996 година, а промовирана на 14 јуни 1996 година. За претседател на партијата бил избран Ѓорѓија Атанасовски. 1997.- Во Скопје умрела Олга Милосавлева, македонска балерина, кореограф и педагог. Родена била во 1935 година. 2002.- Во ерупцијата на вулканот Њирагонго во Демократска Република Конго разоран бил градот Гома при што загинале најмалку 50, а по три дена во истиот град експлодирала и бензинска пумпа која усмртила уште околу 100 луѓе. 2004.- Уставниот суд на Шпанија ја забранил баскијската сепаратистичка партија Батасуна, обвинувајќи ја за поврзаност со терористичката организација ЕТА. Батасуна била првата политичката партија забранета во Шпанија од 1975 година. 2006.- Елен Џонсон Серлиф положила заклетва како нов претседател на Либерија со што станала првата жена претседател на држава на Африканскиот континент. 2007.- Умрел Рудолф Аугуст Еткер, „Кралот на пудингот“. Од фабриката за прашак за пециво создал гигант каде вработил 23.000 луѓе и остварил огромни профити. Во светот на бизнисот Еткер влегол во 1944 година, кога го наследил својот притатко. Семејниот бизнис го проширил со производство на храна и пиво, потоа банкастрво и хемиска индустрија, хотелиерство, па и бродарство. 2008.- На 80-годишна возраст починал академик Никола Кљусев, првиот премиер на независна Република Македонија (1991-1992) кој имал значајна улога во воспоставувањето на независноста и сувереноста на македонската држава. Во Штип завршил основно и средно образование. Како ученик, уште пред да стане полнолетен (1942-45) учествувал во Антифашистичкиот отпор – во партизанските единици на Македонија. Во 1947 година заминал на студии на Економски факултет во Белград, каде што бил уапсен и испратен на Голи Оток, поради што две години бил исклучен од Универзитетот. Дипломирал економија во Белград во 1953 година, а докторирал во 1964 година. Кариерата ја почнал како асистент на Институтот за научни истражувања во индустријата на Македонија, а од 1972 година бил редовен професор на Економскиот факултет во Скопје. Во 1989 година бил избран за член на МАНУ, каде што бил претседател на Советот за демографски истражувања. За својата научна активност носител бил на највисоката републичка награда „11 Октомври“ и на голем бројдруги награди и признанија во земјата и во странство. 2014.- Британскиот актер Роџер Лојд Пак, познат по улогата на Тригер во серијата „Сплетки“ починал на 69-годишна возраст. Дебитирал на сцената во Нортемптон, по студиите на Кралската академмија за драмски уметности. Играл и во серијата „Одмазници“. Славата ја стекнал со улогата на Колин Тригер Бол во серијата „Сплетки“.   ###

Остани поврзан