• среда, 13 ноември 2024

Разговор со авторот на романот „Суво мастило“ Владимир Илиевски

Разговор со авторот на романот „Суво мастило“ Владимир Илиевски

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА)  - Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје ја продолжува кампањата „Читаме современи македонски автори“, во чии рамки книга за  февруари е романот „Суво мастило“ од Владимир Илиевски. Разговорот со авторот ќе се одржи вечерва во 19 часот во спомен-собата „Т'га за југ“.

„Суво мастило“ е роман во кој авторот ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост.

-Опфаќајќи голем временски период таа приказна се плете и расплетува на цврст реалистички принцип, но со голема внимателност на авторот кон фактите и темелноста на историската оправданост. Овој исклучително талентиран прозаист развива прекрасна приказна за еден од најинвентивните личности на раниот дваесетти век, Едуард Пенкала, човекот чие презиме постојано го споменуваме кога ќе изговориме „пенкало“, за човекот кој покрај „пенкалото“ и „сувото мастило“ со кое пишува тоа, во својата листа имал уште осумдесет други пронајдоци без чија функција дури и денешниот, сѐ повеќе виртуелен, дваесет и први век не би можел да функционира, пишува критичарот Сашо Огненовски.

Владимир Илиевски (1970, Скопје) е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира и магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ги има објавено книгите: Гледач на линија (поезија, 1997), Избор и случајности (поезија, 2000), Мојата лична амортизација (поезија, 2002), Цитатноста во лириката (книжевно-научна студија, 2007), Нема исти утра (поезија, 2008), Ноќна еротска програма (поезија, 2011), Лични податоци (поезија, 2014), Брзината не убива (поезија, 2016) и Пената на црниот бран (раскази, 2018). Дел од творештвото му е преведено на бугарски, хрватски, српски, руски, украински, полски, литвански, италијански и англиски јазик.

Модератор на настанот ќе биде книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Клубот на читатели посветен на ова дело е закажан за 29 февруари, наведуваат од Градската библиотека.

„Суво мастило“ е издание на Македоника литера и беше финалист за Роман на годината во 2020 година.

Во првиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ (од септември 2022 - до мај 2023 година) беа претставени осум домашни автори и исто толку дела. Во рамки на вториот циклус, од септември лани кој ќе трае до мај годинава, исто така планирано е да бидат претставени осум автори. Романот „Суво мастило“ е петта книга од предвидените осум од вториот циклус.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ е дел од стратегијата на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје за силна поддршка на македонските писатели, издавачи, но и на македонскиот јазик. вг/бак/

Фото: Градска библиотека „Браќа Миладиновци“

Остани поврзан