• понеделник, 23 декември 2024

„Lost in reflection" - самостојна изложба на уметникот Сашо Блажес во Венеција

„Lost in reflection

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Во „Blue Gallery“ во Венеција е отворена самостојната изложба насловена „Lost in reflection" на уметникот Сашо Блажес, која има за цел да ја истражува сложеноста на перцепцијата и на рефлексијата. Изложбата, која ќе биде отворена до 8 декември, обединува серија на неизложени дела кои претставуваат ново поглавје во уметничката еволуција на Блажес.

Уметничката трансформација на Блажес е обележана со пет големи изложби во градови како Берлин и Париз. „Lost in reflection" е дел од тоа патување, во кое авторот се фокусира на личното размислување и на концептот на губење на идентитетот.

-Отстранив три букви од моето име, како знак на нов почеток, вели уметникот. Овој симболичен гест не е само игра на букви, туку чин на обновување кој го означува почетокот на еден нов идентитет, поврзан со минатото, но проектиран кон мое подлабоко лично откритие.

-Нуркањето во езерото за Блажес е метафора за потопување во сопствените длабочини. Охридскиот подводен пејзаж каде уметникот живее станува симболично и мистично место. Езерото опишано како одраз на внатрешноста и на најинтимните емоции, станува огледало на душата.’’Нурни до дното’’ е покана која Блажес ни ја упатува нам, внатрешно патување во кое го истражува она што е скриено под површината,а притоа изнесувајќи на виделина ‘’ненаситни форми и силуети’’, во простор кој изгледа населен со мистериозни суштества. Овие фигури потопени во геометриски и апстрактен универзум ја рефлектираат кршливоста и двојноста помеѓу она што се појавува и она што останува скриено, се вели во соопштението за изложбата.

Како што се посочува, во ова истражување, Блажес се соочува со концептот на нијансиран и променлив идентитет. Отсуството на прецизни детали во неговите субјекти сугерира желба да се растворат границите помеѓу индивидуалноста и околниот универзум. Неговите портрети не се препознатливи: тие се чини дека се раствораат во платното, како човечката фигура да е дел од течна и неопределена целина, каде границите на егото се мешаат со околината. Исчезнувањето на дефинираното лице и тело е знак на оддалеченост од класичните претстави и начин да се истражи невидливата суштина која живее во секое битие.

Оваа венецијанска изложба претставува пресвртна точка за Блажес, уметник кој ја напушта сигурноста на формата за да се впушти во двосмислени и недефинирани територии. Изложбата ја предизвикува јавноста на едно размислување за својот идентитет и значењето на нивните најинтимни искуства, поттикнувајќи ја на размислување за она што произлегува од длабочините и она што ние претпочитаме да го криеме. Блажес создава еден контемплативен простор, каде што уметноста се спојува со егзистенцијалната филозофија и внатрешната медитација, нудејќи пат кој води кон повторно откривање на идентитетот во постојана трансформација.

„Lost in reflection" е визуелно и емоционално патување кое го повикува гледачот да се препушти себе си да биде одвлечен во длабоките води на сопственото несвесно, да ги открие оние неконвенционални фрагменти во себе, наоѓајќи во сликата на Блажес еден водич за лично и тивко патување, во кое вистинскиот идентитет се појавува само тогаш кога секое размислување се раствора.

Изложбата беше отворена на 7 ноември, а се реализира на покана на директорот на „Blue Gallery“, галеристот Силвио Паквалини и соработката на Блажес со кураторот Камило Ракана од Париз. бт/aa/

Фото: Сашо Блажес

Остани поврзан