• вторник, 24 декември 2024

Грчката писателка Ангелики Дарласи на средба со основци од училиштата во Аеродром

Грчката писателка Ангелики Дарласи на средба со основци од училиштата во Аеродром

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) -  Ангелики Дарласи, познатата грчка авторка на книги за деца и млади, деновиве престојува во Скопје, а денеска во 12.30 часот ќе има претставување на нејзиното дело „Момчето од ложата“ во библиотеката „Јане Сандански“ во населба Аеродром.

Како што соопшти издавачката куќа „Бата прес“, на средбата со деца од околните училишта на возраст од околу 14 години, Дарласи ќе зборува за креативно пишување и за тоа како настанало ова дело.

-Оваа книга, што од грчки на македонски јазик ја преведе Емилија Мајсторова-Стојановска е инспирирана од вистински настани, од животот на група бегалци кои живеат во Народниот театар на Атина, во 1922 година, кога многу Грци од Мала Азија се доселени во Грција, се наведува во соопштението. 

Настанот го организираат Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и издавачката куќа „Бата прес“, која го објави делото. Објавувањето на ова дело е подржано од Европската Унија и Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“ оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори.

-Ангелики Дарласи е родена, живее и работи во Атина. Таа дипломирала на Универзитетот за драмски студии во Атина, а магистрирала на Студиите за изведба на Кралската централна школа за ораторство и драмски уметности во Лондон. Во текот на својата кариера работела во театар, филм и телевизија. Има напишано повеќе книги и има добиено неколку награди во Грција, како и интернационални награди. Како позната писателка и драматург предава креативно пишување и драмски уметности, информира „Бата прес“. хс/aa/

Фото: Бата прес

Остани поврзан