• вторник, 12 ноември 2024

Натпреварот во лежење во Црна Гора влегува во третата седмица

Натпреварот во лежење во Црна Гора влегува во третата седмица

Подгорица, 1 септември 2023 (МИА) - Натпреварот во лежење во Црна Гора денеска влегува во 15. ден, а осумте најупорни за наградата од 1.000 евра лежат веќе над 320 часа.  

Минатогодишниот рекорд беше соборен минатава недела. Ниту дождот, ни заладувањето, а претходно ни екстремно високите температури не го нарушија натпреварувачкиот дух на учесниците во натпреварот во лежење што се одржува во црногорското етносело Брезна, коешто се наоѓа меѓу Никшиќ и Плужине.

Во игра за победа е и победничката од 2021 година - Дубравка Алексиќ од Подгорица. Таа беше сопственичка на последниот рекорд од 117 часа лежење.

- Никој од нас не е уморен, сите се оптимисти како да ни е прв ден. Сите се надеваме на победа, а никој не е загрижен, сите сме здрави и добри, вели Црногорката за агенција Анадолија.

Прашана уште колку мисли дека ќе издржи во лежечка положба, Дубравка вели дека сака да оди до крај. Победа очекува и Јован од Крушевац, јужна Србија.

- На почетокот размислувате за наградата, но по пет-шест дена парите веќе не се важни. Ова е повеќе психолошка војна, но пред сѐ со себе, а потоа со другите, изјави Јован.

Овој натпревар којшто ја прави Црна Гора единствена земја во Европа, е посебно занимлив поради прифатениот стереотип за Црногорците - дека се наводно мрзлив народ. Правилата се едноставни - на учесниците им е забрането да стануваат, но дозволено е спиење, читање книги, јадење и пиење. На секои осум часа, дозволено е да се оди в тоалет.  си/

Фото: Новинска агенција Анадолија.

Остани поврзан