• среда, 27 ноември 2024

Роџер Далтри од рок-групата „Ху“ најави солотурнеја

Роџер Далтри од рок-групата „Ху“ најави солотурнеја

Лондон, 12 ноември 2024 (МИА) - Пејачот на рок-составот „Ху“ (The Who), Роџер Далтри изјави дека следната година ќе тргне на солотурнеја, бидејќи ако не продолжи да пее, неговиот глас „ќе исчезне“, а тој сѐ уште сака да ја истражува музиката. Во новото интервју, 80-годишниот британски рокер вели и дека денес пее „подобро отколку што пее со години“ и оти има „уште многу повеќе да покаже“ со својот бенд.

- Се чувствувам како да пеам можеби подобро отколку што сум пеел со години... Нашата музика е многу, многу различна од голем дел од рок-музика и мора да продолжиме да ја правиме. За да го направам тоа, морам да продолжам да пеам во паузите „меѓу два настапи“, бидејќи тие паузи може да бидат прилично долги, а ако тоа не се искористи, човековиот глас може да исчезне, изјави Далтри.

Роџер Далтри, инаку, има три топ-10 солоалбуми во Велика Британија. Музичарот е познат и по филмот „Меквикар“ (McVicar) во којшто ја толкува главната улога, а автор е и на филмската музика, од којашто можеби најпозната е песната „Free me“.

Музичарот вели и дека сака да продолжи да ја испитува музиката, иако тоа се песни што ги пее веќе 50 години - пристапувајќи им на поинаков начин и постојано откривајќи нешто ново во нив.

- Сега тоа е она што ме засега - како да ги изведам овие песни за да имаат ефект врз публиката што ќе ги натера да размислуваат за нив, како првпат да ги слушаат, открива тој.

Далтри, исто така, вели дека најдоброто нешто во тоа да се има 80 години е тоа што „веќе ништо не сфаќаш сериозно“, особено не во „лудиов свет во којшто живееме“.

На турнејата „Alive And Kicking... And Having Fun“ музичарот ќе изведува и солопесни, како и хитовите на „Ху“ - сѐ тоа проследено со приказни од неговата кариера. Влезниците ќе бидат пуштени во продажба в петок.  си/

Фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан