• недела, 22 декември 2024

„Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“ изложба во МСУ

„Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“ изложба во МСУ

Скопје, 28 мај 2024 (МИА) - Во Музејот на современата уметност - Скопје вечерва ќе биде отворена интернационалната изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“, организирана oд Институтот за меѓународни односи во културата (ИФА) и МСУ-Скопје, а курирана од Сузан Вајс, Инка Гресел и Јованка Попова.

Пред официјалното отворање на изложбата, кустосот Бојана Јанева со дел од присутните уметници ќе проговори за концептот на поставката, а по отворањето во 21 часот ќе има диџеј сет со Нино Делиниколов.

Уметници чии дела ќе бидат изложени се: Ула вон Брандеребург, Кристина Божурска, Јане Чаловски и Христина Иваноска, Ноа Ешкол, Андреас Екнер, Ули Фишер, Зиле Хома Хамид, Хајде Хинрикс, Олаф Холзафел, Криста Џетнер, Елиза ван Јоолен и Винсент Вулзма, Јован Јосифовски, Ева Мајр и Еран Шаерф, Карен Мишелсен Кастанон, Џудит Раум, Франц Ерхард Валтер, Зорица Зафировска и Клелија Живковиќ; заедно со инсталацијата „Простор Баухаус“, визуелна архива за историјата на работилницата за ткаење во комплексот Баухаус Десау и Вајмар (уметничко истражување: Џудит Раум; дизајн: Јакоб Кирш; архитектура: S.T.I.F.F.) и уметнички дела од уметниците застапени во Колекцијата на МСУ-Скопје: Соња Димитрова, Димче Коцо, Јоланта Овидска, Исмет Рамичевиќ, Лиза Рехштеинер, Мира Спировска, Душко Стојановски, Патриција Веласко Уалин.

- Работата со текстил е форма на несогласување, плетење активен отпор за правда и вистина, креативна желба да се промени материјалот пред нас и светот околу нас, со елоквентност и емотивност. Оттука, преку визуелни решенија пренесени преку текстил уметниците нудат начини на излез од различни состојби на опресија, системска, но и интерперсонална, вели кураторката Јованка Попова.

Текстилот е во основата на патувачката изложба организирана од ИФА, со фокус на прашањата: „Кои значења и пораки се својствени за ткаенините?“, „Каква е нивната културна важност?“, „На кој начин можат да се „прочитаат?“, „Што пренесуваат ткаенините за нивното потекло, значења и општествени улоги?“ и „Кои традиционални текстилни техники уметниците ги апроприираaт, издвојуваат, релоцираат и враќаат во живот?“. Текстилот претставува локус во кој уметноста, доаѓа во допирна точка со рачните изработки, традицијата се среќава со сегашноста, а локалното познавање се испреплетува со глобалните односи.

Изложбата е поддржана од Германската амбасада – Северна Македонија и Гете институтот – Северна Македонија и Тиквеш, а ќе биде отворена до 2 септември. дма/бак/

Фото: Музејот на современата уметност - Скопје 

Остани поврзан