• петок, 27 септември 2024

Либан: Над 100 мртви и стотици ранети во најсмртоносниот ден од конфликтот меѓу Израел и Хезболах

Либан: Над 100 мртви и стотици ранети во најсмртоносниот ден од конфликтот меѓу Израел и Хезболах

Бејрут, 23 септември 2024 (МИА) - Повеќе од 100 луѓе загинаа, а 400 се ранети, „вклучувајќи жени, деца и медицински работници“, во денешните израелски воздушни напади на југот на Либан, соопшти Министерството за здравство на земјата. Станува збор за најголем поединечен број на загинати за еден ден од почетокот на борбите помеѓу Израел и Хезболах во октомври.

Сè поголем број цивили ги напуштаат пограничните области на јужен Либан, кои речиси една година се погодени од размена на оган долж границата.Некои жители, исто така, ја напуштаат населбата Дахије, јужно предградие на Бејрут во кое доминира Хезболах, јавува Си-Ен-Ен.

Во Бејрут, луѓето се чини дека останаа во своите домови, а улиците се главно празни во текот на денот, додека пристигнуваат извештаи за напади во областите под контрола на Хезболах низ целата земја, вклучително и станбени населби и села.

Според извештаите на Би-Би-Си, густ сообраќај е забележан на патот од центарот на Бејрут. Забележано е дека голем број луѓе се во движење, но тешко е да се процени кон каде се движат.

На југот на Либан и понатаму продолжуваат силни воздушни напади на израелската војска. Жителите на Бејрут добиле предупредувања да ги евакуираат деловите од главниот град, вклучувајќи го и округот Хамра. Според Би-Би-Си, станува збор за област каде што се наоѓаат Министерството за информации, банки и универзитети, но не и упоришта на Хезболах.

Во меѓувреме, либанскиот привремен премиерНаџиб Микати  го нарече израелскиот бран на воздушни напади „геноцид во секоја смисла на зборот“. Микати го изјави ова на почетокот на денешната владина седница во Бејрут, додавајќи дека целта на израелските напади е уништување на градовите и селата во Либан.

Воедно, тој истакна дека либанската Влада ги повикува Обединетите нации, Советот за безбедност на ОН и нациите низ светот да „ја запрат агресијата“.

Од друга страна, либанското Министерство за јавно здравство побара сите болници на југот на земјата да ги откажат несуштинските операции. Хирурзите се повикани да се подготват за ранетите што би можеле да пристигнат во одделите за итна помош.

Школите на југот на земјата и во јужните предградија на Бејрут се затворени денеска и утре.

Инаку, луѓето на југот на Либан известуваат дека примиле текстуални и гласовни пораки со предупредувања да се држат подалеку од објектите што ги користи Хезболах.

Министерот за информации на Либан изјави дека и неговиот кабинет примил една од тие телефонски пораки. Според либанската телекомуникациска компанија Огеро, биле испратени повеќе од 80.000 такви повици. Шефот на Огеро изјави дека повиците биле облик на „психолошка војна со цел да се предизвика хаос“.

Израелската војска подоцна издаде ново предупредување до жителите на Либан во долината Бека. Граѓаните се повикани итно да се евакуираат доколку живеат или се наоѓаат во близина на упориштата на Хезболах во долината.

„Експлозиите што се гледаат на југот на Либан се секундарни експлозии на оружјето на Хезболах, кое експлодира во куќите. Во секоја куќа што ја напаѓаме има оружје. Тоа се ракети, проектили, беспилотни летала, наменети за убивање израелски цивили“, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари.

Претходно денеска, висок израелски воен претставник изјави дека израелските одбранбени сили моментално се фокусираат само на воздушната кампања. На прашањето дали ќе има копнена инвазија на јужен Либан, тој одговори дека се разгледуваат три главни воени цели на моменталната кампања. Според него, Израел има за цел да ја намали способноста на Хезболах да лансира ракети преку границата, да ги потисне борците на Хезболах подалеку од границата помеѓу Либан и Израел, и да ја уништи инфраструктурата што ја изградила елитната пешадиска сила на Хезболах – Радван, за која израелските власти тврдат дека била планирана за напади врз израелските заедници.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант утрово разговарал со американскиот министер за одбрана Лојд Остин. Галант рече дека го информирал Остин за состојбата со заканите од Хезболах и за операциите на израелските одбранбени сили за намалување на нивната способност да изведат напади врз израелски цивили, според објава на платформата Икс. Тие разговарале и за пошироката регионална безбедносна состојба и за „заканите од Иран и неговите сојузници“. ссм/

Остани поврзан