На денешен ден
- 30.- п.н.е.- Египетската кралица Клеопатра VII се самоубила откако силите на Октавијан Август ги победиле трупите на нејзиниот маж, римскиот војсководец Марк Антониј. На престолот дошла на 17
30 август 2021 (МИА)
30.- п.н.е.- Египетската кралица Клеопатра VII се самоубила откако силите на Октавијан Август ги победиле трупите на нејзиниот маж, римскиот војсководец Марк Антониј. На престолот дошла на 17 години, во 51-та година пред нашата ера и владеела со малолетниот брат Птоломеј XIII, за кого била и мажена.
1483.- Умрел францускиот цар Луј XI. Во текот на своето владеење ја обединил Франција.
1489.- Роден е Антонио Алегри Кореџо, италијански сликар, еден од творците на барокното сликарство. Сликал религиозни и митолошки теми. Умрел на 6 март 1543 година.
1533.- Атахуалпа, последниот владател на големото царство на Инките на подрачјето на денешно Перу, бил обесен откако паднал во рацете на шпанските конквистадори. По неговото убиство, шпанските одреди непречено крстосувале и го освојувале царството.
1748.- Во Париз е роден Жан Луј Давид, француски сликар, основач и главен претставник на класицизмот. Бил член на Конвентот и дворски сликар на Наполеон. Сликал историски композиции и портрети. Умрел во Брисел, на 29 декември 1825 година.
1871.- Роден е новозеландскиот физичар од англиско потекло Ернес Ратерфорд. Добитник е на Нобеловата нагрда за хемија во 1908 година. Ратерфорд е еден од основачите на модерната атомска теорија. Од 1898 до 1907 година бил универзитетски професор во Монтреал, а потоа и во Манчестер се до 1919 година. До неговата смрт во 1937 година бил директор на Лабораторијата „Кевендис“ во Кембриџ. Ратерфорд открил три вида на радијација кои ги означил како алфа, бета и гама зраци.
1922.- Силите на основачот на модерна Турција Кемал Ататурк извојувале решавачка победа над интернационалистичките западни сили. По тој повод овој датум се прославува како „Ден на слободата“ и е национален празник на Република Турција.
1935.- Во Москва умрел Анри Барбис, голем француски писател, автор на познатиот роман „Оган“ и на низа други успешни дела. По Првата светска војна Барбисовиот роман „Оган“ бил преведен на многу јазици. Роден бил во Асниер, на 17 мај 1873 година.
1940.- Умрел англискиот физичар Џозеф Џон Томсон, претседател на Кралското друштво во Лондон и професор на Универзитетот во Кембриџ. Добитник е на Нобелова награда за физика во 1906 година. Во 1897 година го открил електронот, како и атомската структура на електрицитетот. Исто така дал и научна основа за спроведувањето на електрицитетот низ гасовите.
1940.- Во Виена завршиле преговорите помеѓу претставниците на Германија, Италија, Романија и Унгарија со кои Германија и Италија ја присилиле Романија да и отстапи дел од јужна Добруџа на Бугарија, а Унгарија дел од Трансилванија на Романија.
1963.- Меѓу владите на СССР и на САД била воспоставена директна телефонска врска, наречена „црвен телефон“.
1973.- Кенија забрани лов на слонови и трговија со нив.
1981.- Во Техеран при атентат со експлозија на подметнати бомби загинале претседателот и премиерот на Иран, Мухамет Али Раџа и Мухамет Џавид Бахонар.
1983.- Потполковникот Гијон Блафорд е првиот Американец од африканско потекло кој полетал во вселената. Блафорд бил во составот на петчлениот екипаж на „Челенџер“.
1990.- Во селото Радишани, Скопско, бниле поставени и осветени темелите на манастирот „Свети Наум Охридски“.
1991.- Советската република Азербејџан станала независна и формирала сопствена армија.
1993.- На заседанието на Постојаната конференција на локалните и регионалните власти при Советот на Европа одржана во Стокхолм (Шведска), донесена била одлука за прием на Заедницата на општините и градовите на Република Македонија.
1994.- Во Скопје умрел Бранко Костовски, македонски ликовен уметник и долгогодишен сценограф во Македонскиот народен театар. Роден бил во Скопје во 1924 година.
2002.- Русија се повлекла од последната воена база на Куба каде што била присутна од победата на Фидел Кастро во 1959 година.
2003.- Умрел амриканскиот актер Чарлс Бронсон. Тој играл во повеќе од 60 филмови. Познати му се филмовите: „Седумтемина величенствени“, „Дванаесет жигосани“, „Големото бегство“, „Јавачи на дожд“, „Семејство“, „Диви коњи“, „Тешки времиња“, „Телефон“, „Беше еднаш на Дивиот Запад“ и други.
2005.- Во еден старечки дом во северниот холандски град Хугевен умрела Холанѓанката Андел Шипер на возраст од 116 години. Шипер била заведена како најстар жител на земјата во Гинисовата книга на рекордите. Родена била на 29 јуни 1890 година.
2006.- Умрел Глен Форд, еден од најпознатите холивудски актери. Роден бил на 1 мај 1916 година.
2013.- Во Скопје починала проф. д-р Цветанка Најчевска (1931-2013), редовен професор во пензија на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Професор Најчевска работела во областа на генетиката, семепроизводството и експерименталната статистика на додипломски и постдипломски студии. Таа била кокреатор на седум видови земјоделски култури. Има објавено над 80 трудови во домашни и странски списанија од областа на генетиката, семепроизводството, одгледувањето растенија и експериментална статистика. Во 2002 година ја објавила книгата „Експериментална статистика: применета во земјоделските и биолошките истражувања“, а во 2011 година во коавторство со проф. д-р Цане Стојковски „Терминолошки речник: генетика, селекција, семепроизводство, биометрика.“
2013.- На 74 години починал ирскиот поет, драмски писател, преведувач и нобеловец Шејмас Хини, кој во 2001 година го добил „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Шејмас Хини бил роден во Мосбон, Северна Ирска, во 1939 година. Добитник бил на голем број меѓународни награди, меѓу кои и на Нобеловата за литература во 1995. Внимание привлекол уште со првата поетска книга „Смртта на природословецот“. Автор е и на книгите: „Врата кон темнината“, „Презимување“, „Остров на ходочастија“, „Глогов фенер“, „Привиденија“...
2016.- На 83-годишна возраст во Скопје почина Антон Роп, првиот декан на Факултетот за безбедност во Скопје. Тој активно учествувал во формирањето на криминалистичките лаборатории, Одделението за дактилоскопска идентификација и Криминалистичкиот музеј при МВР. Роп бил избран за прв декан на тогаш формираниот Факултет за безбедност во Скопје. Автор е на повеќе трудови од криминалистичката област и учествувал на повеќе меѓународни собири од кои најзначаен е колоквиумот на ИНТЕРПОЛ во Париз.
2020.- На 85-годишна возраст во Тирана почина Вељо Цфарку, познат интелектуалец, учител, новинар, собирач на македонскиот фолклор и традиции од Голо Брдо. Роден е 1935 година во селото Ѓиновец областа Голо Брдо, а по дипломирањето на Педагошкиот факултет во 1959 година 15 години работел како учител по селата во областа Голо Брдо, а во еден период бил и директор на основното училиште во селата Клење и во Требиште. Цфарку беше еден од најпознатите активисти меѓу Македонците од Голо Брдо и пошироко и е автор на неколку книги и статии. Со неговите дела помогна многу за пренесување кај младите генерации Македонци во Албанија на македонските обичаи, фолклор, традиции. Заедно со други Македонци од областа, посебно со Цветан Мазнику, автори се на шесттомното издание на „Голобрдски фолклор“ кои се од огромен придонес за заштита на македонскиот идентитет, јазик и култура на Македонците во Албанија. Друштвото „Илинден“ во 2016 година му додели благодарница за особен придонес за македонското национално малцинство во Република Албанија. За големиот придонес во образованието на младите е добитник на признанието „истакнат учител“, како и орден „Наим Фрашери“.
###