• понеделник, 23 декември 2024

Наградени вина од сортата „Станушина“

Наградени вина од сортата „Станушина“

Кавадарци, 13 мај 2024 (МИА) - Наградени се неколку вина од винската сорта на грозје „Станушина“, информираа денеска од Здружението „Македонски семејни винарии“, кое изминатиов викенд организираше меѓународна манифестација во чест на оваа единствена автохтона сорта на грозје во државата. 

Оттаму соопштија дека на првиот ваков натпревар,  членки на здружението освоија седум медали, една златна и шест сребрени. Оценувањето го вршеа експерти. 

Се работи за сорта на грозје со долгогодишна традиција во Тиквешкиот регион, како најголем лозаровинарски регион во земјава, што речиси беше пред изумирање, но повторно се враќа интересот за неа од пред неколку години. 

Манифестацијата се одржа  трети пат и од годинава стана меѓународна. 

Горан Јаковлевски, претседател на здружението рече дека „Македонски семејни винарии“ веќе станува македонски бренд. 

- Расте интересот, како за производство, така и за консумирање на оваа сорта на вино. Ние и понатаму ќе ја заштитуваме оваа сорта. На наше барање годинава прв пат субвенциите по хектар лозов насад од оваа сорта се зголемуваат за околу шест илјади денари. Нашето барање е тие субвенции да бидат дупло поголеми од регуларните субвенции што државата ги дава за другите вински сорти на грозје, подвлече тој.

Јаковлевски додаде дека во наредниот период ќе се утврдат микролокациите на кои може да се одгледува оваа сорта, во минатото, како што рече, деградирана од големи откупувачи на грозје, кои ја откупувале по многу ниска цена и се мешала со други сорти на грозје.

Тој информираше дека ќе бараат државата да субвенционира и по литар вино од оваа сорта, произведуван од малите семејни винарии. Притоа нагласи дека странците кога доаѓаат бараат нешто автохтоно да пробаат. свд/мд/


Фото: МИА 

Остани поврзан