• четврток, 07 ноември 2024

МФ: Се проширува поддршката од Трезорот на САД - Нов Договор за зајакнување на капацитетите за надзор над небанкарскиот финансиски сектор

МФ: Се проширува поддршката од Трезорот на САД - Нов Договор за зајакнување на капацитетите за надзор над небанкарскиот финансиски сектор

Скопје, 4 март 2024 (МИА) – Зајакнување на капацитетите во Министерството за финансии во делот на финансискиот систем е новото подрачје во кое продолжува поддршката што ја даваат САД преку Трезорот на САД во Министерството за финансии, која се реализира во рамки на потпишаната Спогодба помеѓу Министерството за финансии и Трезорот на САД во април 2023 година. На средбата на министерот за финансии во техничката Влада, Фатмир Бесими со заменик-помошник секретар во Трезорот на САД Џејсон Орландо, одржана денеска во Скопје, беше посочено дека преку оваа Спогодба се реализира еден од најголемите проекти на Трезорот на САД и дека станува збор за најголема поддршка што ја даваат на некоја земја на глобално ниво.

Од Министерството за финансии соопштија дека експерти од Трезорот на САД во наредниот период ќе работат во Министерството за финансии на зајакнување на капацитетите во Министерството за финансии за спроведување теренски и вонтеренски надзор над небанкарскиот финансиски сектор, во насока на унапредување на процесите за заштита на потрошувачите и зголемување на финансиската едукација на населението. Ова се овозможува со денеска потпишаниот Договор помеѓу Министерството за финансии претставувано од министерот Фатмир Бесими и Трезорот на САД претставуван од заменик-помошник секретар Џејсон Орландо.


-Ова е дел од континуирана поддршка на САД за нашите стратешки цели, за нашата евроатлантска интеграција, за демократскиот и економски развој на земјата, како и севкупните достигнувања на внатрешен и надворешен план. Станува збор за соработка која вклучува четири области и со тоа претставува еден од најсеопфатните проекти на Трезорот на САД, а преку кој се дава најголема поддршка на една земја во глобални рамки. Поддршката е насочена кон унапредување на системот за управување со јавните финансии, кој го поставивме со донесувањето на новиот Закон за буџети, што е основа на  повеќе крупни реформи што ги спроведуваме во овој сегмент. Покрај поддршката во сегментот на управувањето со јавните финансии, како и во сегментот на надзор над небанкарскиот финансискиот сектор, за кој денеска потпишавме Договор, соработката се одвива и во областите на даночната и царинската администрација  и управувањето со јавниот долг. Тоа со цел да се опфати целиот циклус во управувањето со јавните финансии, рече министерот Бесими.

Тој се заблагодари за реализираното од страна на експертите на Трезорот на САД кои веќе работат во Министерството за финансии, како и во УЈП и Царинската управа и очекува таа соработка да продолжи и да се прошири.

-Експерти од Трезорот на САД по потпишувањето на Спогодбата во април минатата година веќе работат во секторот за буџетска политика,  даночна и царинска администрација, во секторот за управување со јавниот долг,  а се разгледува и можноста за нивно вклучување во делот на креирањето на економски политики и развој. Во областа на даночна и царинска администрација, експертите работат на зајакнување на капацитетите во ЦУ и УЈП како дел од напорите за реформи и модернизација во овие две институции, се наведува во соопштението од МФ. дма/ац/

Фото: Министерство за финансии

Остани поврзан