• четврток, 30 јануари 2025

Муртезани во Црна Гора: Планот за раст на ЕК ја одразува стратешката определба на Владата за сеопфатни реформи

Муртезани во Црна Гора: Планот за раст на ЕК ја одразува стратешката определба на Владата за сеопфатни реформи

Скопје, 28 јануари 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Црна Гора учествува на Конференцијата на високо ниво за регионална економска интеграција насловена „Зајакнување. Интегрирање. Раст“, заедно со своите колеги од регионот и претставници на Европската Унија.

Во рамки на првата сесија „Претпристапни придобивки: од СЕПА до зелени патеки и пошироко“, министрите за европски работи и главните преговарачи со ЕУ од земјите од Западниот Балкан се осврнаа на спроведувањето на Новиот план за раст и клучните приоритети за поттикнување на регионалната интеграција и усогласувањето со Унијата, соопшти Министерството за европски прашања.

Министерот Муртезани во контекст на интеграцијата, истакна дека Северна Македонија целосно ги прифати регионалните приоритети на Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан.

- Откако Европската Унија го донесе Планот за раст во ноември 2023 година, Северна Македонија постигна значителен напредок на својот пат кон подлабока интеграција во Унијата. Оваа иницијатива беше клучна во усогласувањето на нашите национални политики со правото на ЕУ, воспоставувајќи јасна основа за нашата крајна цел – постигнување полноправно членство во ЕУ. Со активно учество во овој план, ние ги подобруваме нашите институционални рамки, а истовремено ја подобруваме економската отпорност и промовираме одржлив развој. Планот за раст ја одразува стратешката определба за сеопфатни реформи кои го поттикнуваат економскиот раст, го зајакнуваат владеењето и ги зајакнуваат демократските институции, а со тоа се унапредуваат нашите аспирации за целосно пристапување во ЕУ, потенцираше Муртезани.

Фото: Министерство за европски прашања
 

Остани поврзан