• петок, 26 јули 2024

Мурал со мировна порака од млади уметници од Франција, Германија и Северна Македонија

Мурал со мировна порака од млади уметници од Франција, Германија и Северна Македонија

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - Вкупно 21 млади уметници, по седум од Франција, од Германија и од земјава, а под менторство на три реномирани уметници, Ема Попи, Дамјан Ив Род и Марина Сорокина - Сомари насликаа мурал во Градскиот парк во Скопје и помал мурал во Тетово. Проектот насловен „Оставете нè во мир!“ го реализира Францускиот институт во Скопје, Гете институтот и здружението „Лоја“ од Тетово од 1 до 7 мај.

Целта на проектот е зајакнување на мултикултурниот дијалог меѓу младите од три земји, поттикнување на креативноста и слободното изразување кај младите, повик на мир и помирување преку уметноста.

Мурал во Скопје ФОТО/МИА

Обуката на младите уметници се одвиваше на 2 и 3 мај во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје, во присуство на средношколци од гимназијата, кои заедно го осмислија муралот со пораки за мир во Украина и во светот. Сликањето на муралот се одвиваше вчера и во текот на денешниот ден.

Игор Бештел, директорот на Францускиот институт во Скопје денеска за време на сликањето на муралот изјави дека станува збор за заеднички француско-германски проект што е изграден заеднички, во чест на мирот, на помирувањето и во чест на слободата на изразување.

Игор Бештел, директорот на Францускиот институт во Скопје ФОТО/МИА

-Ние поканивме уметници од Франција, Германија и Украина со цел да работат со млади од Франција, Германија и Украина и од Македонија од Скопје и од Тетово да работат заедно на овој мурал. Им оставивме потполна слобода на изразување со цел да ја слават нашата заедничка иднина во Европа, рече Бештел.

Мурал во Скопје ФОТО/МИА

Проектот е поддржан од Француско-германската канцеларија за млади и Француско-германскиот културен фонд, во рамките на програмата „Наша Европа, наша иднина“ и во чест на 60-та годишнина од потпишувањето на Елисејскиот договор.

-Чест е да бидеме домаќини на уметници кои доаѓаат од Германија, Франција и Украина, кои заедно со нашите млади соработуваат и се обидуваат преку уметноста, преку културата, да ја искажат својата порака за мир, а истото да го направат и со вмрежување на младите од Македонија. Има претставници и на младински движења од Македонија кои се дел од културата и преку овие гранки на уметноста да го искажаат сето она што тие мислат дека треба да се пренесе на јавноста како порака на мир, изјави градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.бт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан