• понеделник, 23 декември 2024

Моди разговараше со Путин и Зеленски за Украина

Моди разговараше со Путин и Зеленски за Украина

Њу Делхи, 20 март 2024 (МИА) - Индискиот премиер Нарендра Моди разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски за ситуацијата во Украина и зајакнувањето на односите на Њу Делхи со двете земји. 

Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и досега се воздржуваше од критикување на Русија по инвазијата врз Украина во 2022 година, а место тоа купувањето руска нафта го доведе на рекордно ниво. 

Моди му честитал на Путин за победата на руските претседателски избори, а двајцата лидери разговарале и за Украина, се наведува во соопштението на Кремљ. 

Индискиот премиер на платформата „Х“ објави дека со претседателот Зеленски разговарал за зајакнување на билатералните односи и дека му ја пренел „конзистентната поддршка на Индија за сите напори за мир и брз крај на тековниот конфликт“.

Канцеларијата на украинскиот претседател објави дека Зеленски разговарал со индискиот лидер и за украинскиот мировен план, што вклучува повлекување на сите руски трупи од територијата на земјата, враќање на демаркацијата од 1991 година и процесот на повикување на Русија на одговорност за нејзините постапки.

Денешните разговорите беа одржани пред очекуваната посета на украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба на Индија следната недела, бидејќи Киев има за цел да изгради поддршка за својот мировен план, наведуваат британските медиуми. 

Освен разговорите со индиските претставници, Кулеба ќе ја анализира и работата на меѓувладината комисија Индија-Украина, односно телото задолжено за подобрување на економските, културните и технолошките врски меѓу двете нации, изјави анонимен функционер. 

Киев се залага Њу Делхи да помогне во обновата на украинската економија разурната од војна, повикувајќи на инвестиции од индиски компании на јануарскиот деловен самит во Индија.

Претходниот разговор меѓу официјални претставници на двете земји се случи пред две недели, кога Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател, имаше разговор со советникот за национална безбедност на Индија, Аџит Довал. 

Моди разговараше неколку пати со лидерите на Украина и Русија, а се сретна со Зеленски минатиот мај на маргините на Самитот на Г7 во Хирошима. сд/

фото:EПА

Остани поврзан